На прес конференција во Белата куќа, Трамп кажа дека во последните неколку месеци САД сопреле или спречиле конфликти на неколку страни, вклучувајќи ги Србија и Косово.
„Имам пријател во Србија и тој ми кажа: „Повторно одиме во војна“. Нема да кажам дека е Косово, но Косово е. Требаше да имаат голема војна, но ние ја запревме поради трговијата. Тие сакаат да тргуваат со САД. Им кажав дека не тргуваме со луѓе кои почнуваат војна“, кажа Трамп во Овалната соба.
На заедничката прес конференција со министрите за надворешни работи на Конго и Руанда, откако двете земји постигнаа мировен договор со посредство на САД, Трамп посочи дека е одговорен за мирот меѓу други спротивставени страни.
„Ова е неверојатно достигнување. За само неколку месеци постигнавме мир меѓу Индија и Пакистан, Израел и Иран, меѓу Демократска Република Конго и Руанда и неколку други. Знаете, Србија се подготвуваше да влезе во војна. Нема да го споменувам тоа бидејќи не се случи, успеавме тоа да го спречиме“, кажа Трамп.