недела, 14 декември 2025

Трамп: Само еден мој збор и Израелците ќе се вратат на улиците на Газа

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе му дозволи на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху продолжување на воената акција во Газа доколку Хамас не го исполни својот дел од договорот за прекин на огнот. Тој предупреди дека израелските сили би можеле да се вратат на улиците „само ако кажам еден збор“, пренесува Си-ен-ен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Коментарите на Трамп доаѓаат во клучен момент, бидејќи Израел го обвинува Хамас, кого Соединетите Американски Држави го сметаат за терористичка организација, за кршење на договорот за предавање на сите заложници, живи и мртви. Поради ова, тензиите растат во Израел, а властите им соопштија на Обединетите нации дека испораките на хуманитарна помош во Газа може да бидат намалени или одложени. И покрај ова, кревкото примирје засега се почитува.

Во срцето на договорот е мировниот план на Трамп од 20 точки. Според точката 4, „во рок од 72 часа од јавното прифаќање на овој договор од страна на Израел, сите заложници, живи и починати, ќе бидат вратени“. Иако сите 20 живи израелски заложници беа вратени, Хамас ги предаде телата на само четворица од починатите, а израелската армија тврди дека едно од нив не е на израелски заложник. Трамп, сепак, ја истакна важноста на спасувањето на преживеаните. „Извлекувањето на тие 20 заложници беше најважното нешто“, кажа американскиот претседател.

Планот, ја предвидува иднината на Газа како демилитаризирана зона под независен надзор, без улога на Хамас во управувањето. Точката 6 нуди амнестија на членовите на Хамас „кои се обврзуваат на мирен соживот и го предаваат своето оружје“, додека на оние кои сакаат да ја напуштат Газа им се нуди безбеден премин.

Ве предупредуваме дека снимката е вознемирувачка

На прашањето на Си-ен-ен што би се случило ако Хамас одбие да го положи оружјето, Трамп беше јасен. „Размислувам за тоа“, одговори тој. „Израел ќе се врати на тие улици штом ќе дадам дозвола. Кога Израел би можел да влезе и да ги уништи, тоа и би го направил.“ Тој призна дека морал да ја заузда израелската страна: „Морав да ги задржам. Се расправав со Биби (израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху)“.

Трамп го коментираше и неодамнешниот внатрешен конфликт во Газа, каде што Хамас наводно врши јавни егзекуции на ривалски групи. Тој кажа дека Хамас во моментов „влегува и чисти банди, насилни банди“. На прашањето дали се егзекутираат невини Палестинци, тој одговори: „Го истражувам тоа. Ќе откриеме. Може да се работи за банди“.

И покрај тензиите Трамп изрази оптимизам за долгорочните перспективи за мир, нагласувајќи ја силната поддршка од другите земји во регионот. „Педесет и девет земји се дел од ова“, кажа тој, мислејќи се на земјите кои го поддржаа „мировниот договор на Трамп“. „Никогаш не сме виделе нешто слично… Тие сакаат да бидат дел од Аврамовите договори. Сега кога Иран повеќе не е проблем“.

Освен Блискиот Исток, Трамп потврди дека сè уште работи на окончување на војната во Украина, пред посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Белата куќа овој петок. „Напорно работам на руското прашање“, кажа тој, споредувајќи ја сложеноста на двата конфликти: „Едниот трае три години, другиот три илјади години“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ