„Ја сакаме назад таа база“, кажа Трамп за време на заедничката прес-конференција, истакнувајќи ја нејзината стратегиска локација: „Тоа е на еден час лет од местото каде што Кина го произведува своето нуклеарно оружје“. Коментарот на Трамп дојде еден ден пред неговиот разговор со кинескиот претседател Си Џинпинг, додека Вашингтон и Пекинг продолжуваат со трговските разговори кои би можеле да го отворат патот за нивниот состанок во октомври.
Додека Трамп води трговска војна со Кина, неговата администрација се воздржа од преземање строги мерки против Пекинг, за кои експертите велат дека се неопходни за да се одговори на растечката безбедносна закана што ја претставува за САД, пишува Фајненшл тајмс.
Кина брзо ги зголемува своите нуклеарни сили во последните години, предизвикувајќи загриженост во Вашингтон дека САД наскоро ќе се соочат со друга нуклеарна сила еднаква на Русија. Пентагон минатата година објави дека Народноослободителната армија на Кина го зголемила својот нуклеарен арсенал на 600 боеви глави до средината на 2024 година, што е годишен раст од 20 отсто.
Враќањето на Баграм под контрола на САД би барало преговори со владата на талибанците, кои владеат со Авганистан откако Америка целосно се повлече во август 2021 година. Адам Болер, претставникот на Трамп за заложници, и Залмај Калилзад, кој беше главен преговарач на САД со талибанците од 2018 до 2021 година, во последните месеци повеќе пати патуваа во Кабул.
Оваа недела тие отпатуваа во главниот град на Авганистан на разговори со министерот за надворешни работи на талибанците, Амир Кан Мутаки, за да преговараат за размена на затвореници. Министерството за надворешни работи на талибанците објави дека разговорите вклучувале „инвестициски можности и други перспективи во Авганистан“, додавајќи дека „сега е отворена можност за нормализација на односите“.
Соработник на демократски сенатори изјави во четвртокот дека официјални лица на Капитол, „слушале гласини“ за интересот на Трамп за базата Баграм уште на пролет. „Се чини дека никој во министерството за одбрана не е запознаен со таа идеја и секако не се поднесени извештаи до Конгресот за таа тема“, додаде соработникот.
Денис Вајлдер, поранешен висок експерт на ЦИА за кинеската војска, а сега предавач на Универзитетот Џорџтаун, кажа дека објектот во Кина на кој мисли Трамп речиси сигурно е нуклеарниот полигон Лоп Нур во пустината на автономниот регион на Ујгурите Синџијанг.
„Оддалеченоста од Лоп Нур до Баграм е 2.000 километри, а современ кинески борбен авион би можел да го помине тоа растојание за еден час“, кажа Вајлдер. Но, тој истакна дека Народноослободителната армија никогаш не произведувала нуклеарно оружје во западна Кина, туку дека нејзините производствени капацитети се наоѓаат во централниот дел од земјата.
За време на првиот состанок на кабинетот од неговиот втор мандат во февруари, Трамп кажа дека неговиот план за повлекување на трупите од Авганистан во првиот мандат вклучува задржување на контролата врз Баграм и стационирање на мала воена сила.
За време на неговиот прв претседателски мандат, Трамп постигна договор за повлекување од Авганистан, за неговиот наследник Џо Бајден да ги продолжи тие планови. Повлекувањето на војската беше хаотично бидејќи авганистанската влада се распадна откако талибанските сили напредуваа побрзо од очекуваното и ја презедоа контролата врз главниот град Кабул.
Терористичкиот напад врз меѓународниот аеродром во Кабул, во кој загинаа 13 американски војници за време на евакуацијата, доведе до критики за Бајден за неговото лошо управување со планот за повлекување.






