Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера ја одби понудата на својот руски колега доброволно да се продолжат ограничувањата за распоредување стратегиско нуклеарно вооружување, откако истече договорот што повеќе од две децении ги држеше под контрола.
Соединетите Американски Држави треба да склучат „нов, унапреден и модернизиран договор“ со Русија, наместо да го продолжат важењето на договорот Нов СТАРТ, порача синоќа Трамп во објава на социјалните мрежи, на денот кога истече последниот важечки договор за контрола на нуклеарното вооружување меѓу двете земји.
Русија претходно вчера соопшти дека жали поради истекот на договорот со САД, но дека и понатаму е подготвена за разговори, оставајќи отворена можност за договор во последен момент за зачувување на ограничувањата во распоредувањето на најразорното оружје во светот.
Порталот Аксиос вчера објави дека биле водени преговори во Абу Даби и дека двете страни биле блиску до договор за продолжување на почитувањето на клучните одредби од договорот Нов СТАРТ, кој го ограничува бројот на ракетите, лансирните системи и стратегиските нуклеарни боеви глави на двете страни.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вчера изјави дека Русија и понатаму е подготвена за дијалог со САД, доколку Вашингтон конструктивно одговори на иницијативата на Путин централните одредби од договорот да се применуваат уште една година. „Ако има конструктивни одговори, секако дека ќе водиме дијалог“, им рече Песков на новинарите.






