среда, 28 мај 2025

Трамп сака да ги преименува 8 мај и 11 ноември во Денови на победата во Првата и Втората светска војна

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека има намера да ги преименува 11 ноември и 8 мај, клучни датуми во двете светски војни, во „Денови на победата“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Го преименувам 8 мај во Ден на победата во Втората светска војна, а 11 ноември во Ден на победата во Првата светска војна“, напиша Трамп на својата платформа Трут соушал.

Осми мај, кој е широко славен во Западна Европа (Русија го слави на 9 мај), не е државен празник во Соединетите Американски Држави. Тој ден се слави како ден на капитулација на нацистичка Германија во 1945 година.

По завршувањето на непријателствата во Европа, Втората светска војна продолжила во Азија сè додека Јапонија не ја потпишала капитулацијата на 2 септември.

Единаесетти ноември се одбележува како ден на потпишување на примирјето во 1918 година, со кое завршија борбите во Првата светска војна меѓу Германија и сојузниците.

Тој датум е празник во САД и се нарекува Ден на ветераните.

„Многу од нашите сојузници и пријатели го слават 8 мај како Ден на победата, но ние направивме многу повеќе од која било друга земја за да постигнеме победнички исход во Втората светска војна“, рече Трамп.

„Ги добивме обете војни, никој не ни се приближи по сила, храброст или воен гениј, но никогаш ништо не славиме, а тоа е затоа што повеќе немаме лидери кои знаат како да го прават тоа. Ќе почнеме повторно да ги славиме нашите победи“, рече Трамп.

Сепак, по оваа изјава не следеше веднаш објавувањето на декретот.

САД одиграа клучна улога во обете светски војни, каде што беа воено ангажирани и им обезбедија многу значајна материјална помош на сојузниците.

На почетокот на Првата светска војна, САД одбија да се приклучат на конфликтот, но го сторија тоа во 1917 година, поттикнати од интензивирањето на германската подморничка војна, која ги напаѓаше американските трговски бродови.

Тие мобилизираа четири милиони луѓе, значително помалку од сојузничките земји во Европа каде што се одвиваше поголемиот дел од конфликтот. Речиси девет милиони војници биле во Франција или Велика Британија, вклучувајќи ги и нивните колонии, шест милиони во Италија и 18 милиони во Русија/СССР.

Проценките за загуби во САД се значително пониски отколку во другите земји.

За време на Втората светска војна, САД првично им пружија помош на сојузниците, а влегоа во конфликтот откако беа директно нападнати од Јапонија во Перл Харбур на 7 декември 1941 година.

Според Американскиот музеј на Втората светска војна, САД изгубиле 416.800 војници за време на тој конфликт, малку повеќе од Велика Британија (383.600), но значително помалку од СССР, чии загуби се движеле од 8,8 до 10,7 милиони војници, и Кина (три до четири милиони).

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ