Распоредувањето би можело да му обезбеди на Трамп дополнителни опции додека ја разгледува можноста за проширување на операциите, во време кога војната со Иран влегува во третата недела.
Тие опции вклучуваат обезбедување безбеден премин за нафтени танкери низ Ормускиот теснец, мисија што главно би се извршувала со воздушни и поморски сили, велат изворите. Но обезбедувањето на теснецот може да значи и распоредување американски трупи долж иранското крајбрежје, рекле четири извори, меѓу кои и двајца американски функционери.
Администрацијата на Трамп разгледувала и можности за испраќање копнени сили на иранскиот остров Харг, центар преку кој се извезуваат 90 % од иранската нафта, рекле три лица запознаени со прашањето и тројца американски функционери. Еден од нив предупреди дека таква операција би била многу ризична, бидејќи Иран може да го погоди островот со ракети и дронови.
САД извршија напади врз воени цели на островот на 13 март, а Трамп се закани и со напади врз клучната нафтена инфраструктура. Сепак, поради неговото значење за иранската економија, воените експерти сметаат дека контролата врз островот би била подобра опција отколку негово уништување.
Секое користење американски копнени сили — дури и за ограничена мисија — носи значителни политички ризици за Трамп, со оглед на слабата поддршка кај американската јавност за војната и неговите претходни ветувања дека ќе ги избегнува новите конфликти на Блискиот Исток.
Функционери во администрацијата разгледувале и можност за распоредување сили за обезбедување на залихите на високо збогатен ураниум на Иран. Сепак, изворите не веруваат дека таквото распоредување е можно.
Претставник на Белата куќа изјави дека „во овој момент нема одлука за испраќање копнени трупи“, но дека претседателот „ги задржува сите опции отворени“. Целите на операцијата „Епски гнев“, според него, се уништување на иранските балистички ракети, уништување на морнарицата, спречување на дејствувањето на нивните сојузнички групи и гарантирање дека Иран никогаш нема да поседува нуклеарно оружје.
Американската војска продолжува со напади врз иранската морнарица, ракетните и дронските капацитети и одбранбената индустрија. Од почетокот на војната на 28 февруари, САД извеле повеќе од 7.800 напади и оштетиле или уништиле повеќе од 120 ирански пловила, според податоци на Централната команда на САД.
И покрај тоа, ризиците остануваат високи. Досега во конфликтот загинале 13 американски војници, а околу 200 се повредени, иако повеќето повреди се полесни.
Иако со години го критикуваше вмешувањето во странски војни, Трамп во последно време не ја исклучува можноста за испраќање копнени сили во Иран. Според висок функционер од Белата куќа, претседателот има различни опции за справување со иранската нуклеарна програма, но сè уште нема донесено конечна одлука.
Во меѓувреме, директорката на националното разузнавање Тулси Габард изјави дека иранската програма за збогатување ураниум е уништена со претходните напади и дека подземните објекти се затворени.
Разговорите за засилувања одат подалеку од најавеното пристигнување на амфибиска борбена група со повеќе од 2.000 маринци во регионот. Во исто време, САД губат дел од своите капацитети поради испраќањето на носачот на авиони „Џералд Р. Форд“ на одржување во Грција по пожар на бродот.
Трамп исто така ги менува ставовите околу Ормускиот теснец. Откако првично најави дека американската морнарица ќе ги придружува бродовите, тој ги повика другите земји да помогнат. Со оглед на слабиот интерес од сојузниците, во средата дури навести можност САД да се повлечат.
„Се прашувам што би се случило ако ‘го довршиме’ она што остана од иранската терористичка држава и им оставиме на земјите што го користат теснецот — а ние не — да се грижат за него“, напиша Трамп на својата платформа Трут сошл.






