четврток, 29 мај 2025

Трамп: Путин сонуваше да ја заземе цела Украина. Нема да му го дозволам тоа (ВИДЕО)

Актуелниот американски претседател Доналд Трамп зборуваше за војната во Украина во интервју за Еј-би-си њуз што се емитуваше синоќа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во интервјуто, кое се фокусираше на првите 100 дена од новиот мандат на Трамп, водителот го праша за неговите контрадикторни ставови за мировните преговори.

Пред неколку дена, Трамп на социјалната мрежа Трут соушл напиша дека е можно Путин да „го влече за нос“ кога станува збор за преговорите. Трамп го даде коментарот кратко по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Ватикан на 26 април. „Нема причина Путин да испукува ракети врз цивилни области, градови и села во последните денови“, напиша Трамп во тоа време.

„Затоа мислам дека можеби тој воопшто не сака да ја заврши војната, само ме завлекува и можеби треба да се изврши притисок врз него поинаку, со банкарски или секундарни санкции?“ додаде Трамп во објавата.

Кога новинарот на Еј-би-си њуз го праша дали мисли дека Путин ги одложува разговорите, Трамп одговори: „Можно е. Можеби и малку ме завлекува, но би рекол дека тој сепак би сакал да ја запре војната“, рече Трамп за време на интервјуто. И покрај неговите сомнежи, тој подоцна во интервјуто рече: „Мислам дека сака мир, да. Мислам дека навистина сака.“

Трамп, кој претходно вети дека ќе договори мир во Украина во рок од 100 дена од враќањето на власт, неодамна станува сè пофрустриран од она што тој го нарекува неподготвеност на Москва да ја заврши војната, која трае веќе три години.

Американски претставници нагласија дека оваа недела ќе биде клучна за одлучувањето за понатамошното вклучување на САД во мировните напори, токму во време кога незадоволството на Трамп расте.

На 28 април, Путин најави тридневно примирје од 8 до 11 мај по повод 80-годишнината од советската победа над нацистичка Германија, што специјалниот пратеник на Трамп, Кит Келог, го нарече „апсурдно“.

Кога го прашаа дали му верува на Путин, Трамп избегна јасен одговор и во жестока размена со новинар рече: „Не им верувам на многу луѓе. Не ви верувам ни вам“.

„Путин сонуваше да ја заземе целата земја. Мислам дека тоа нема да му го дозволам“, заклучи Трамп.

Иако преговорите сè уште траат, руските сили ги засилија нападите во последните недели, вклучително и во регионот Суми. За време на претходното тридневно велигденско примирје на Русија, помеѓу 19 и 21 април, Зеленски ја обвини Москва за речиси 3.000 прекршувања на прекинот на огнот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ