недела, 7 декември 2025

Трамп: Путин и Си се силни лидери, треба да се сфатат сериозно

Претседателите на Русија и Кина Владимир Путин и Си Џинпинг се силни и интелигентни луѓе со кои не треба да се игра, кажа американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за Си-би-ес.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„И двајцата се силни. И двајцата се паметни. И двајцата се многу силни лидери. Ова се луѓе со кои не треба да се игра. Ова се луѓе кои мора да ги сфатите многу сериозно. Тие не доаѓаат велејќи: „Па, зарем не е убав денот? Погледнете колку е прекрасен. Сонцето сјае, толку е убаво.“ Ова се сериозни луѓе. Ова се луѓе кои се силни, паметни лидери“, кажа Трамп.

Шефот на Белата куќа потоа повтори дека завршил осум војни, дека единствената во која не бил успешен била онаа во Украина, како и дека сметал дека конфликтот лесно ќе се реши поради неговиот добар однос со Путин. Според него, „и тоа ќе се случи“.

Тој додаде и дека Соединетите Американски Држави наводно имаат повеќе нуклеарно оружје од која било друга земја, но дека Русија е „втора“. Кина е на третото место, наведе тој, но смета дека ќе бидат „изедначени за пет години“.

„Верувам дека треба да направиме нешто во врска со денуклеаризацијата, а всушност разговарав за тоа со претседателот Путин и претседателот Си“, додаде американскиот лидер.

Тој ги повтори и своите планови за спроведување нуклеарни тестови.

„Мора да видиме како ќе функционира. Причината зошто зборувам за тестирање е затоа што Русија ја објави својата намера да тестира, Северна Кореја тестира постојано, а исто така и други земји. Ние сме единствената земја што не тестира. Не сакам да бидам единствената земја што не тестира“, кажа Трамп.

Новинарот го потсети дека Москва тестира само системи за испорака, а не нуклеарно оружје. Сепак, Трамп изрази мислење дека Русија и Кина наводно спроведуваат такви тестови, „но тие не зборуваат за тоа“.

„Не е ли тоа логично? Знаете, правите… правите нуклеарно оружје, а потоа не го тестирате. Како ќе го направите тоа? Како ќе знаете дали функционира?“, кажа американскиот претседател.

Трамп на 30 октомври изјави дека Соединетите Американски Држави ќе продолжат со тестирање на нуклеарно оружје по тридецениската пауза и дека „поради програмите за тестирање на други земји“, тој му наложил на министерството за одбрана да почне со тестирање на американското нуклеарно оружје „на рамноправна основа“.

Секретарот на рускиот Совет за безбедност Сергеј Шојгу потоа истакна дека тестовите се спроведени во смисла на примена на компјутерска технологија, дека тие не се физички тестови, туку математички модели. Тој порача дека доколку други земји спроведат нуклеарни тестови, Русија ќе го стори истото.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ