понеделник, 15 декември 2025

Трамп пристигна во Европа: Соберете се, ви се случува ужасна инвазија. Ќе исчезнете (ВИДЕО)

Американскиот претседател Доналд Трамп слета во Шкотска како дел од четиридневната посета која вклучува средби на високо ниво. Посетата на Трамп е неофицијална и во голема мера поврзана со голф. Веднаш по неговото пристигнување, тој го пофали британскиот премиер Кир Стармер како „добар човек“, а илегалната миграција ја нарече „ужасна инвазија што ја убива Европа“.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Толпи луѓе се собраа на аеродромот Прествик во Ершир под строги безбедносни мерки. „Ми се допаѓа вашиот премиер. Тој е малку полиберален од мене, но е добар човек, склучи трговски договор. Тоа е добар договор за Обединетото Кралство“, им рече Трамп на новинарите.

Се очекува Трамп и Стармер да разговараат за потенцијални измени во трговскиот договор меѓу САД и Велика Британија, кој стапи на сила минатиот месец.

Американскиот претседател се осврна на илегалната имиграција и упати остро предупредување до европските лидери. „Подобро да се соберете или повеќе нема да ја имате Европа. Мора да се соберете“, рече тој. „Вие дозволувате ова да им се случи на вашите земји и мора да ја запрете оваа ужасна инвазија. Имиграцијата ја убива Европа. Некои европски лидери не дозволија инвазија на нивните земји, нема да ги именувам, и не добија доволно признание за тоа“, изјави тој.

Тој исто така изјави дека ниту еден илегален мигрант не влегол во САД во последниот месец.

Тој исто така го критикуваше поставувањето на турбини на ветер низ целиот континент. „Стопирајте ги ветерниците. Ги уништувате вашите земјишта. Тажно е да летате и да ги гледате овие ветерници насекаде, тие ги уништуваат вашите прекрасни полиња и долини и убиваат птици“, рече тој.

По слетувањето, Трамп се упати кон Тарнбери, еден од неговите шкотски терени за голф. Дел од неговата посета вклучува отворање на втор терен во Абердиншир. „Нема место како Тарнбери. Тоа е веројатно најдоброто место на светот, а Абердин е веднаш до него“, рече тој, додавајќи дека актерот Шон Конери му помогнал да добие градежни дозволи. „Да не беше Шон Конери, немаше да ги имаме овие одлични терени.“

За време на посетата, Трамп ќе се сретне и со шкотскиот премиер Џон Свини и со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен. Трамп рече дека има „добри, 50-50 отсто“ шанси за трговски договор со ЕУ, но истакна дека има „можеби 20 спорни точки“.

Посетата на Трамп е неофицијална и главно поврзана со голфот. Полициското обезбедување за четиридневната посета на Трамп на Обединетото Кралство во 2018 година чинеше повеќе од 14 милиони фунти, според податоците добиени преку барање за пристап до информации, пренесува Скај њуз. Повеќе од 3 милиони фунти од тоа беа потрошени за дводневна посета на голф теренот Тарнбери, историски комплекс во југозападна Шкотска што Трамп го купи во 2014 година.

Полицијата на Шкотска не сакаше да открие колку полицајци ќе бидат ангажирани, наведувајќи оперативни причини. Но, тие рекоа дека трошоците ќе бидат „значајни“.

„Посетата ќе бара голема полициска операција во која ќе бидат вклучени локални, национални и специјализирани ресурси од цела Шкотска, поддржани од колеги од други полициски сили во Велика Британија преку договор за меѓусебна помош“, изјави помошничката началничка на полицијата Ема Бонд.

Шкотскиот премиер Џон Свини рече дека посетата нема негативно да се одрази на полициските операции. Но, Дејвид Кенеди, генерален секретар на Шкотската полициска федерација, рече: „Да се каже дека тоа нема да влијае на полициското работење нема смисла“. „Секако дека сакаме претседателот на Соединетите Американски Држави да може да дојде во Шкотска. Тоа не е проблем“, рече Кенеди. „Проблемот е моменталната состојба на полициските сили и бројот на луѓе што ги имаме на располагање, што создава сериозни тешкотии.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ