петок, 27 март 2026

Трамп прекинал владин состанок за војната и растечките цени и раскажувал за пенкалца

Претседателот Доналд Трамп можеби верува во изреката дека перото е посилно од мечот — сè додека е од марката „шарпи“.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

За време на состанок на владата во четвртокот, на кој се разговарало за војната со Иран, рекордно долгите редици за безбедносни проверки на аеродромите, растот на цените на нафтата и нестабилните берзи, претседателот се вмешал држејќи црно-златен маркер-пенкало „шарпи“ направено по нарачка и почнал долга приказна за тоа како токму тоа пенкало станало дел од Белата куќа.

„Го гледате ли ова пенкало?“, рекол Трамп во почетокот на речиси петминутниот, на моменти прекинуван монолог. „Ова пенкало е интересен пример.“

Тоа било само едно од неколкуте долги отстапувања од темата што ги направил за време на состанокот, кои делувале особено необично со оглед на тоа колку поважни теми биле на дневен ред.

Монологот за Шарпи дошол откако министерот за одбрана Пит Хегсет, пратеникот Стив Виткоф, потпретседателот Џеј-Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио изнеле сериозни оценки за ракетните напади, нуклеарните активности на Техеран и за американските војници што се изложени на ризик.

Претседателот ја раскажал приказната како пример за тоа како неговото деловно размислување може да доведе до поевтини и подобри решенија во државното трошење. Воедно, сакал да ја нагласи својата критика дека реновирањето на зградата на Федералните резерви во Вашингтон е прескапо.

„Мора да си ги поставиме приоритетите како што треба“, рече Трамп.

Тој започнал со тврдење дека Белата куќа некогаш била снабдена со „прекрасни“ пенкала, кои чинеле по 1.000 долари.

Тоа било проблем, објаснил Трамп, затоа што при свечени потпишувања на закони им делел пенкала како сувенири на разни пратеници, поддржувачи и други луѓе — па дури и на деца, кои, според него, не ја разбирале нивната вредност.

„Понекогаш имате 30, 40 луѓе“, рече тој.

Иако е познат по наклонетоста кон луксузот, Трамп изјавил дека делењето толку скапи пенкала го правело да се чувствува виновен.

„Ја сакам владата како што се сакам себеси, економски“, рече тој. „Сакам да штедам пари.“

Тој објаснил дека стапил во контакт со еден производител на пенкала, првично не сакајќи да му даде публицитет, но потоа открил дека станува збор за „Шарпи“, што предизвикало смеа кај присутните.

Со децении, како бизнисмен, Трамп ги користел тие пенкала за автограми и белешки, а како претседател продолжил да ги користи за потпишување извршни наредби, прогласи и закони.

Трамп рекол дека компанијата понудила да направи црни пенкала со златно лого на Белата куќа без наплата, но тој инсистирал да плати по 5 долари за секое. Според интернет-пребарувањата, обичните пенкала „шарпи“ чинат од 1 до 2 долари.

„Директорот на Шарпи добива повик. Јас не го ни знам кој е. Ми вели: ‘Дали тоа навистина е претседателот?’“, раскажал Трамп.

Ова е најголемото внимание што пенкалото го добило во Белата куќа по скандалот „Шарпигејт“ поврзан со ураганот Доријан за време на неговиот прв мандат, вели Асошиејтед прес. Компанијата Њуел брендз соопшти дека нема информации за разговорот што го опишал Трамп, но дека пенкалата „шарпи“ ги користат сегашниот и поранешни американски претседатели, како и други јавни личности.

Трамп ја сумираше приказната како „деловна приказна“.

„За 5 долари добивам многу подобро пенкало отколку за 1.000, и можам да ги делам“, рече тој. „И, искрено, станаа многу барани.“

По завршувањето на приказната, Трамп накратко се пофалил со својата способност за раскажување, а потоа му го отстапил зборот на министерот за финансии Скот Бесент.

„Со среќа, Скот“, рекол тој, додека членовите на владата повторно се смееле.

„Па, господине“, одговорил Бесент, „како и секогаш, тешко е човек Вас да Ве надмине.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ