Додека вчера во Белата куќа за време на разговорите за Украина се претставуваше како „главен миротворец“, Доналд Трамп изнесе две големи тврдења: дека сака мировни договори наместо прекин на огнот и дека окончал шест војни откако станал претседател.
Сепак, во брзањето да постигне договор за мир во Украина, Трамп прилично лабаво ракува со вистината.
Тој и неговата администрација тврдат дека помогнале во смирувањето на конфликтите меѓу Израел и Иран, Демократска Република Конго и Руанда, Камбоџа и Тајланд, Индија и Пакистан, Србија и Косово, и Египет и Етиопија. Сепак, овие тврдења се во голема мера разубавени, а во некои случаи дури и негирани со продолжувањето на насилствата – како што е она во ДР Конго, каде што бунтовниците поддржани од Руанда не го исполнија рокот за мировен договор во Доха, а ситуацијата во Србија е добро позната.
Во Иран самата американската војска изврши напади врз воени и нуклеарни објекти пред Техеран да биде принуден да прифати прекин на огнот. Индија негираше дека Трамп имал каква било улога во склучувањето на примирјето со Пакистан по повеќедневните напади над спорната територија Кашмир во мај. Египет и Етиопија сè уште не постигнале договор за клучната причина за спорот – брана на Нил што ја гради Етиопија, која би можела да ја пренасочи водата од Египет. И Србија негираше дека имала каква било намера да започне војна против Косово, иако Трамп ја презеде заслугата за „спречување на конфликтот“.
Кога станува збор за примирја, самиот Трамп постојано истакнува дека ги бара во овие конфликти. Сега, сепак, се обидува да го преработи сопствениот биланс на состојба и врши притисок врз Украина. Неговата изјава дека не бара прекин на огнот во Украина дојде по средбата со Владимир Путин на Алјаска минатата недела, каде што рускиот претседател побара Украина да ја предаде контролата врз југоисточните територии пред да може да се разговара за прекин на огнот.
Клучното прашање останува редот на мирот: Путин сака да одлучи кои територии Русија ќе ги задржи додека продолжуваат борбите, додека Киев бара стишување на оружјето пред какви било одлуки за територијални претензии, пишува Гардијан.
Во понеделникот, по состаноците со европските лидери, Трамп кажа дека повеќе не се залага за прекин на огнот.
„Ако ги погледнете шесте договори што ги постигнав оваа година – сите беа во воена состојба. Не работев на примирја“, тврдеше Трамп, велејќи му на Зеленски: „Не мислам дека ви треба примирје“.
Сепак, неговите претходни изјави сугерираат спротивното. Така, на 10 мај, по избувнувањето на насилството меѓу Индија и Пакистан, Трамп објави: „По долга ноќ преговори со посредство на САД, со задоволство објавувам дека Индија и Пакистан се согласија на ЦЕЛОСЕН И НЕПОСРЕДЕН прекин на огнот. Им честитам на двете земји за нивниот здрав разум и голема мудрост.“
На 26 јули, Трамп кажа дека ги повикува лидерите на Тајланд и Камбоџа за да преговараат за прекин на огнот по тридневните гранични судири. „Разговорот со Камбоџа е завршен, но очекувам да слушнам за прекин на војната и прекин на огнот во согласност со ставот на Тајланд“, напиша тој во тоа време. „Обид за поедноставување на сложена ситуација!“
Тој го тврдеше истото и за Израел и Иран: „Примирјето меѓу Израел и Иран е потполно и целосно договорено.“
Американската телевизиска мрежа Ем-ес-ен-би-си потоа објави видео од изјавите на Трамп во кои повикува на прекин на огнот во Украина, во неделите и деновите пред средбите со Путин и Зеленски.
Но, Трамп, сакајќи брза политичка поента, го менува својот наратив додека се приближува кон „мапата на патот“ поддржана од Путин – обид да се стави крај на конфликтот што се покажа како многу потежок за решавање отколку што првично мислеше.






