вторник, 10 март 2026

Трамп потврди дека разговарал со Путин: „Сака да помогне“

Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот телефонски разговараше со рускиот претседател Владимир Путин за војната во Иран и за други прашања, соопшти Кремљ. Трамп, како што пренесува Си-би-си, потврди дека имал „многу добар“ телефонски разговор со Владимир Путин, за кого верува дека „сака да помогне“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Советникот на Путин за надворешна политика Јуриј Ушаков го опиша разговорот како „отворен и деловен“ и рече дека траел околу еден час.

Тој наведе дека рускиот претседател „изнесе неколку идеи насочени кон брзо политичко и дипломатско решавање“ на конфликтот, по неговите разговори со лидерите на земјите од Персискиот Залив и со претседателот на Иран, пренесува Асошиејтед прес.

Трамп ја изнел својата процена за развојот на ситуацијата, рече Ушаков, „во контекст на тековната американско-израелска операција“.

Двајцата лидери имале „конкретна и корисна“ размена на ставови, а се осврнале и на Венецуела „во контекст на ситуацијата на глобалниот пазар на нафта“, додаде тој.

Путин претходно во понеделникот изјави дека Русија „повеќепати предупредувала дека обидите за дестабилизација на ситуацијата на Блискиот Исток неизбежно ќе го загрозат“ глобалниот енергетски пазар, ќе ги зголемат цените и ќе го ограничат снабдувањето.

Рускиот лидер нагласи дека Москва е „сигурен снабдувач со енергенси“ и дека ќе продолжи да им испорачува нафта и гас „на земјите што и самите се сигурни партнери“, како државите од азиско-пацифичкиот регион или Словачка и Унгарија во источна Европа.

Тој исто така рече дека Русија „ги зголемува испораките“ кон своите сигурни партнери.

Путин повтори и дека Русија разгледува пренасочување на испораките на гас од пазарот на Европската Унија, каде што е договорена целосна забрана за руски гас од 2027 година, кон други пазари, но додаде дека Москва е подготвена да соработува со „европските купувачи“ доколку тие се премислат.

Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот, за време на низа интервјуа и прес-конференции за војната, изјави дека САД разгледуваат ублажување на одредени санкции за нафта со цел да се ограничи растот на цените.

Трамп им рече на новинарите: „Имаме санкции кон некои земји. Ќе ги укинеме тие санкции додека оваа ситуација не се среди“.

„А потоа, кој знае? Можеби нема повторно да мораме да ги воведуваме – ќе има толку многу мир“, додаде тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ