петок, 9 мај 2025

Трамп потпиша наредба за тушевите: „Стојам под туш 15 минути за косата барем малку да ми се намокри“

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера потпиша нова извршна наредба, со која се обидува да реши, како што вели, еден од неговите долгогодишни проблеми – „војната на левицата против притисокот на водата“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Со оваа наредба, Трамп го задолжи секретарот за енергетика Крис Рајт да ги укине правилата од ерата на Барак Обама и Џо Бајден, кои ја ограничуваат силата на млазот од тушот. Тој истакна, како и многупати досега, дека овие стандарди го отежнуваат одржувањето на неговата позната фризура. „Сакам убаво да се истуширам за да можам да ја обликувам мојата совршена коса“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба.

„Морам да стојам под туш 15 минути за таа воопшто да се намокри. Водата само капе. Тоа е лудост. Се мијам со шампон, а водата тече како славината да е расипана“, рекол Трамп.

Во придружниот документ на Белата куќа, регулативата е претставена како чекор кон намалување на прекумерната бирократија, која, како што тврдат тие, „ја задушува американската економија, ги штити бескорисните прописи и ги ограничува личните слободи“.

Со години Трамп водеше војна против регулативите за заштеда на вода, особено кога станува збор за уредите за бањи.

„Мојата коса… Не знам за вас, но таа мора да ми биде совршена. Совршена“, рече тој уште во 2020 година пред Белата куќа, критикувајќи ги стандардите во тоа време. Во август истата година, Министерството за енергетика започна да прави промени што ќе овозможат една млазница (но не целата глава на тушот) да испушта до 2,5 галони (9,5 литри) вода во минута. Администрацијата на Бајден најави укинување на оваа промена во 2021 година.

„Војните за тушевите продолжија“, се велеше во тогашниот меморандум на Белата куќа. Трамп повторно ѝ се врати на темата во јуни 2024 година на митинг на една конзервативна организација во Детроит. „Кога се туширам, сакам мојата убава коса добро да се насапуни. Го купувам најдобриот шампон што може да се купи со пари, го истурам по целата глава… А потоа ја пуштам водата и таа само капе. Не можам да ја исплакнам. Тоа е ужасно”, рече тој, предизвикувајќи смеа и аплауз кај публиката.

Во далечната 1992 година Конгресот на САД донесе закон со кој се ограничува максималното количество вода што може да се испушти од туш на 2,5 галони во минута. Овој стандард беше воведен за да се поттикне заштедата на вода и на енергија.

За време на мандатот на Барак Обама, Министерството за енергетика го заостри толкувањето на тој закон. Имено, на пазарот се појавија тушеви со повеќе млазници (на пример, со 3 или 4 глави во една единица), од кои секоја можеше да испушти до 2,5 галони. Администрацијата на Обама одлучи да го примени ограничувањето на туш-кабината како целина, наместо секоја млазница поединечно.

Администрацијата на Трамп предложи промена во август 2020 година: новото правило ќе дозволи секоја млазница во тушот да испушта 2,5 галони вода во минута, без оглед на тоа колку има во една единица. Ова значеше дека тушевите со повеќе глави вкупно може да испуштаат значително повеќе вода отколку порано.

По доаѓањето на власт, администрацијата на Бајден најави враќање на моделот на Обама, повторно ограничувајќи го протекот на вода по туш, а не по млазница.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ