„Тукушто склучивме договор со земјата Пакистан, според кој Пакистан и САД ќе соработуваат на развој на огромните нафтени резерви. Во процес сме на избор на нафтена компанија што ќе го води ова партнерство“, напиша Трамп на социјалните мрежи, објави Ројтерс.
Трамп не даде дополнителни детали за договорот, а пакистанската амбасада во Вашингтон не ја коментираше оваа вест.
Претходно, пакистанскиот министер за надворешни работи, Ишак Дар, изјави дека САД и Пакистан се „многу блиску“ до финализирање на трговски договор, кој би можел да се постигне во наредните денови.
Тој ги даде овие забелешки по средбата со американскиот државен секретар, Марко Рубио.
САД и Пакистан ја нагласија важноста од проширување на трговијата, особено во областите на критичните минерали и рударството, за време на претходните преговори.
Во соопштението на Стејт департментот и пакистанското Министерство за надворешни работи нагласена е важноста за соработка, а Дар рече дека се одржале виртуелни состаноци и дека комитетот имал задача да ги специфицира следните чекори.
Договор и со Јужна Кореја
САД и Јужна Кореја постигнаа трговски договор кој вклучува царина од 15 проценти за увоз од Јужна Кореја, објави американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп на социјалните мрежи објави дека Јужна Кореја ќе инвестира 350 милијарди долари во САД и ќе купи американски енергетски производи во вредност од 100 милијарди долари, објави Ројтерс.
Исто така, беше договорено Јужна Кореја да биде целосно отворена за трговија со САД, вклучително и прифаќање на американски производи како што се автомобили, камиони и земјоделски производи.
Јужнокорејскиот претседател Ли Џае Мјунг, коментирајќи го договорот, рече дека трговскиот договор ќе ѝ овозможи на Јужна Кореја да биде на еднаква или подобра позиција во однос на другите земји.
Тој исто така рече дека двете земји се согласиле да основаат инвестициски фонд од 350 милијарди долари, од кои 150 милијарди долари ќе бидат наменети на партнерство во бродоградба.






