Зборувајќи во Овалната канцеларија денес, Трамп ја нарече одлуката од 2009 година „катастрофална политика од ерата на Обама која ѝ нанесе огромна штета на американската автомобилска индустрија и масовно ги зголеми цените за американските потрошувачи“. „Тоа радикално правило стана законска основа за Зелената нова измама, една од најголемите измами во историјата“, додаде републиканскиот претседател, мислејќи се на програмата за климата на демократите.
Белата куќа го нарече потегот „најголемата дерегулација во американската историја“, велејќи дека автомобилите ќе станат поевтини бидејќи трошоците на производителите ќе се намалат за 2.400 долари по возило. Функционери на администрацијата нагласуваат дека укинувањето на регулативата ќе заштеди повеќе од трилион долари и ќе помогне во намалувањето на трошоците за енергија и транспорт.
Агенцијата за заштита на животната средина (ЕПА) првпат зазеде став за влијанието на стакленичките гасови во 2009 година, за време на првата година од мандатот на претседателот Барак Обама. Потоа агенцијата одлучи дека шест клучни стакленички гасови кои ја затоплуваат планетата, вклучувајќи ги јаглерод диоксидот и метанот, претставуваат закана за здравјето на луѓето. Со оглед на тоа што поделениот Конгрес не можеше да се согласи за закон за решавање на проблемот со зголемувањето на глобалните температури, заклучокот на ЕПА стана централен дел од федералните напори за ограничување на емисиите.
„Заклучокот за загрозеност навистина беше рбетот на американската регулатива за стакленички гасови“, кажа Меган Гринфилд, поранешен адвокат на ЕПА и Министерството за правда.
„Ова ги опфаќа не само моторните возила, туку и електраните, секторот за нафта и гас, метанот од депониите, па дури и авионите. Значи, го опфаќа целиот спектар, сите стандарди за секој од тие сектори се базираат на таа една одлука“.
Еколошките групи тврдат дека овој потег е убедливо најзначајното повлекување на мерките за климатските промени досега и се подготвени да го оспорат на суд. Многумина се скептични во врска со потенцијалните заштеди кои ги објави тимот на Трамп.
„Тоа ќе ги принуди Американците да трошат повеќе пари, околу 1,4 трилиони долари дополнителни трошоци за гориво за да ги користат овие помалку ефикасни, позагадувачки возила“, кажа Питер Залзал од Фондот за заштита на животната средина. „Исто така, ги анализиравме здравствените ефекти и откривме дека оваа мерка ќе резултира со до 58.000 дополнителни предвремени смртни случаи и 37 милиони повеќе напади на астма“, додаде тој.
За некои во американската автомобилска индустрија повлекувањето на мерката ќе создаде неизвесност бидејќи производството на возила со поголема потрошувачка на горивото би можело да ја ограничи нивната продажба во странство. „Ова повлекување на некој начин го цементира она што веќе е направено, како ублажувањето на стандардите за потрошувачка на горивото“, вели Мајкл Џерард, експерт за климатско право на Универзитетот Колумбија. „Но, навистина ги става американските производители на автомобили во тешка позиција бидејќи никој друг нема да сака да купува американски автомобили“.
Иако поништувањето на одлуката ќе ѝ помогне на Белата куќа да ги поништи регулативите за климатските промени, некои набљудувачи предупредуваат на можни ненамерни последици. Додека работела на поништување на заклучокот, администрацијата на Трамп истовремено ја искористила одлуката од 2009 година за да ги спречи државите да донесат построги закони за емисиите на јаглерод. Фактот дека одговорноста за регулирањето на гасот беше префрлена на федералната влада, исто така, беше искористен за потиснување на тужбите поднесени од поединци или организации.
„Заклучокот за загрозеност блокираше голем број тужби и беше доста моќна во отфрлањето на тужбите“, кажа Меган Гринфилд. „Очекувам дека државите и непрофитните организации сега ќе поднесат тужби, веројатно првенствено во федералните судови, за да се обидат да утврдат каде се границите на новата законска рамка“.
Еден од клучните аргументи во спорот ќе биде науката врз која се темели одлуката. Министерството за енергетика формираше панел од научници кои минатата година составија извештај во кој се оспорува општо прифатената наука за влијанието на стакленичките гасови. Тој извештај го поддржа предлогот за поништување на одлуката од 2009 година, но многу експерти за клима се пожалија дека панелот е нерепрезентативен и полн со скептици и дека извештајот е неточен. Федерален судија неодамна пресуди дека министерството го прекршило законот при формирањето на тимот.
Многу правни експерти веруваат дека администрацијата сака случајот да биде тестиран во Врховниот суд пред да истече мандатот на Трамп. Тие веруваат дека, ако победат, заклучокот за загрозеност ќе биде испратен во историјата. „Ова е навистина различно бидејќи ЕПА целосно се повлекува од таа област и сака тоа да биде трајно“, кажа Гринфилд. „Доколку победат на Врховниот суд со аргументите што ги подготвија, следната претседателска администрација нема да може да ја промени таа одлука без нов закон“.






