среда, 31 декември 2025

Трамп откри строго чувана тајна операција на ЦИА

Нападот на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) врз пристаниште во Венецуела, извршен порано овој месец, е првата позната операција во таа земја откако претседателот Трамп ја овластил шпионската агенција тајно да дејствува против наркокартелите и владата на Венецуела.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Меѓутоа, самиот Трамп одлучил нападот да не остане таен, со што ја прекршил децениската традиција на американските претседатели, кои ретко зборуваат за тајни операции, пишува Волстрит џурнал.

Информацијата за нападот првпат ја спомна во радиоемисија на 26 декември, изјавувајќи дека САД уништиле „голема постројка или објект од каде што доаѓаат бродовите“.

Подоцна откри и повеќе детали, вклучително и тоа дека целта била „товарна зона“ каде што бродовите наводно биле полнети со дрога. На новинарско прашање кој разгранок на власта е одговорен за нападот, Трамп одговори: „Не сакам да кажам“. Сепак, неколку американски функционери потврдија дека операцијата ја спровела ЦИА.

Бидејќи венецуелскиот претседател Николас Мадуро по операцијата не даде никаков јавен коментар, Трамп веројатно проценил дека со сопственото откривање ќе испрати јасна порака. „Трамп веројатно ги користи тајните операции за да изврши притисок врз Мадуро“, изјави Рајан Берг, директор на Програмата за Америките во Центарот за стратегиски и меѓународни студии.

Овој потег предизвика остри реакции. Сенаторот Крис Марфи, демократ од Конектикат и член на Сенатската комисија за надворешни работи, го осуди нападот во објава на социјалната мрежа Икс.

„Воздушни напади врз копнени цели. Незаконитоста на лудата војна на Трамп во Венецуела е надвор од контрола“, напиша Марфи. „Запомнете, ова НЕМА НИКАКВА врска со спречување на влезот на дрога во Америка. Венецуела произведува кокаин наменет за Европа“.

Спремноста на Трамп да открива активности на ЦИА, дури и без директно именување на агенцијата, е во целосна спротивност со практиката на претходните претседатели. Тајните операции, како што се нападите со дронови, со децении беа тема за која јавно не се зборуваше, токму за да се избегнат дебати за користење правно спорни методи во странство.

Некои сегашни и поранешни функционери на ЦИА изразија вознемиреност поради одлуката на Трамп јавно да зборува за операција што требало да остане тајна.

„Меѓу поранешните разузнавачки функционери владееше речиси општо згрозување од фактот што претседателот Трамп одлучи да открие нешто што речиси сигурно беше тајна акција на разузнавачката заедница“, изјави Марк Полимеропулос, поранешен висок оперативец на ЦИА.

Тој додаде дека таквата операција вообичаено би овозможила јавно негирање, а истовремено би испратила порака до Мадуро дека може да следуваат нови напади каде било и кога било.

Нападот врз пристаништето https://mkd.mk/svet/otkrieni-detali-za-prviot-amerikanski-napad-na-venecuelsko-kopno/, за кој прв извести Си-ен-ен, претставува значајна ескалација на американската кампања на притисок врз Венецуела.

Тајната акција е одобрена со претседателска одлука и може да вклучува широк спектар активности, од паравоени до смртоносни операции, со цел да се влијае врз политичките, економските или воените услови во странски држави. Не е познато дали во нападот имало жртви, а ЦИА и Белата куќа одбија да ги коментираат изјавите на Трамп.

Џеф Ремзи од Атлантскиот совет смета дека одлуката на Трамп да ја користи ЦИА наместо војската можеби делумно е мотивирана од желбата да се избегне расправа во Конгресот за потребата од одобрување воени операции против Венецуела. Сепак, Ремзи е скептичен околу ефикасноста на ваквите напади. „Малку е веројатно дека Мадуро ќе биде заплашен од тајни акции ако тие се насочени кон нискорангирани трговци со дрога“, рече тој.

ЦИА има долга историја на тајни операции во Латинска Америка, вклучително и поддршка на промени на режими во Гватемала, Чиле и Никарагва пред неколку децении. Во последните години агенцијата повеќе се насочи кон соработка и размена на разузнавачки податоци со регионалните сојузници.

Во мај, заменик-директорот на ЦИА, Мајкл Елис, изјави дека агенцијата применува антитерористички тактики врз проблеми што долго време се сметале исклучиво за прашање на спроведување на законот. „На крајот на краиштата, зборуваме за разбивање мрежа“, рече Елис. „А тоа е нешто што ЦИА две децении учеше како се прави во војната против тероризмот“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ