Откако намалувањето на американската помош за странство доведе до она што може да биде најрадикалната реорганизација на ОН во последниве децении, Кина ги засили напорите да го пополни вакуумот, особено во дипломатскиот центар во Женева, рекле неколку функционери и дипломати за британскиот весник.
Тие напори вклучуваат зголемување на бројот на кинескиот персонал, градење коалиции за гласање и, во некои случаи, финансиски придонеси, заради зајакнување на нејзината позиција во градот наречен „кујна на глобалната дипломатија“, кој е дом на повеќе од 450 меѓународни организации.
Агенциите од особен интерес за Кина се Меѓународната унија за телекомуникации (ИТУ), која ги поставува глобалните комуникациски стандарди, и Светската здравствена организација (СЗО), според западните функционери.
Кина долго време се обидува да го зајакне своето влијание во Женева и речиси една деценија постепено го проширува своето присуство во агенциите на ОН, особено оние што се занимаваат со развој, технологија и технички стандарди. Иако Кина придонесува со повеќе од 15 проценти во редовниот буџет на ОН, втора по ред веднаш по САД, кои придонесуваат со 22 проценти, и натаму е недоволно застапена во однос на персоналот.
Студијата на Шинг-хон Лам од Универзитетот во Калифорнија и Кортни Џ. Фанг од Универзитетот Маквари покажа дека Кина имала речиси 1.600 вработени во ОН во 2022 година, во споредба со повеќе од 5.000 во САД, иако гради нови кадровски канали преку програмите за практика.
Западните претставници рекоа дека забележале нов бран на активност откако администрацијата на Трамп почна да ги дистанцира САД од ОН, предизвикувајќи финансиски притисок што ги принуди ОН да преземат длабоки реформи.
Кина, според Фајненшл тајмс, била особено проактивна во однос на процесот на реформи, познат како Иницијатива на ОН80, што би можело да вклучува спојување на оддели и значително поедноставување на операциите.
Еден висок западен функционер запознаен со внатрешните дискусии во ОН рекол дека Кина го проширува своето присуство во „институциите на мултилатералниот светски поредок… а потоа го користи тоа влијание за постепено да ги преориентира кон сопствениот поглед на светот“.
Лу Сјаоју, професор на Пекиншкиот универзитет и поранешен консултант на ОН, вели дека Кина ги поддржува „неопходните и правични“ реформи на ОН во рамките на Иницијативата на ОН80. Тој вели дека Пекинг се залага за „посилна застапеност на глобалниот југ, почитување на националниот суверенитет и мултилатералниот поредок“.
„Со оглед на можното спојување на агенциите за развој во рамките на ОН80, Кина е во добра позиција да го прошири своето влијание во областа на меѓународниот развој“, изјави Сјаоју за Фајненшл тајмс, додавајќи дека како втор најголем финансиски придонесувач во мировните мисии на ОН, веројатно ќе добие повеќе високи позиции во таа област.
Висок европски дипломат изјави дека Кина се претставува како „чесен посредник“ како одговор на честопати агресивната надворешна политика на Доналд Трамп, дури и кон сојузниците на САД.
Кога беше прашан за обвинувањата дека Кина ги користи реформите на ОН80 во своја корист, портпаролот на Министерството за надворешни работи рече дека Пекинг ги поддржува ОН „како одговор на новите околности и задачи, дополнително зајакнување на посветеноста на сите страни кон мултилатерализмот, подобрување на ефикасноста преку реформи, зголемување на нејзиниот капацитет за справување со глобалните предизвици и играње подобра улога во меѓународните односи“.
Портпаролот рече дека реформите „треба сериозно да ги земат предвид ставовите на земјите-членки на ОН, особено земјите во развој, и да го направат глобалното управување пофер и порамноправно“.
Еден поранешен дипломат на ОН рече дека Кина станала пософистицирана во начинот на кој работи во рамките на системот. „Тие ја усовршиле својата способност да водат резолуции, да прават отстапки и да градат консензус. Тоа сега ги става во многу поволна позиција“, рече тој.
Друг висок европски дипломат рече дека Кина се претставува како „чесен посредник“ како одговор на честопати напнатата надворешна политика на Доналд Трамп, дури и кон сојузниците на САД. „Тие имаат многу африкански и индопацифички земји на нивна страна, тоа се многубројни гласови“, рече тој.
Како одговор на тоа, претставниците на ЕУ рекоа дека почнале поблиску да се здружуваат со другите западни влади, обидувајќи се да ја преземат улогата што традиционално ја играат САД. „Прашањето за нас Европејците е како да го пополниме тој вакуум, а да не им го оставиме на Кинезите“, рекол дипломатот.
Оваа година Кина ѝ вети 500 милиони долари на Светската здравствена организација во текот на пет години, потсетува ФТ и додава дека се очекува дел од помошта да вклучува испраќање кинески технички и советодавен персонал за работа во СЗО.
На Светското здравствено собрание во Женева во мај, кинескиот вицепремиер Лиу Гуожонг изрази поддршка за внатрешните реформи во СЗО и вети поддршка од Кина преку финансии и персонал.
„Немаме информации за конкретните детали за најавата на Кина за придонесот“, соопшти СЗО.
Во јуни, Кина беше избрана и за домаќин на Светската конференција за радиокомуникации (ВРЦ) во 2027 година, највлијателниот форум на Меѓународната телекомуникациска унија (ИТУ). Одлуката ВРЦ да се одржи во Шангај дојде откако САД во последен момент се обидоа да ја оспорат кандидатурата. „Ставовите во рамките на ИТУ остануваат предмет на силен спор меѓу САД и Кина“, вели функционер на ЕУ.
Иако ИТУ моментално го води Американката Дорин Богдан-Мартин, нејзин претходник беше Кинезинката Хоулин Жао. „Генералниот директор сега е Американка, но Кина на високи позиции назначи претежно Африканци блиски до Пекинг, како што е сегашниот директор на Бирото за развој“, додава функционерот на ЕУ.
Космас Лакисон Завазава, поранешен шеф на телекомуникациската агенција на Зимбабве, сега е директор на Бирото за развој на телекомуникациите на ИТУ. Според претставници на ЕУ, Завазава е силно поддржан од Кина, која има блиски врски со Зимбабве, вклучително и во проекти за телекомуникациска инфраструктура предводени од Хуавеи.
Кина се обиде да ја промовира својата иницијатива „Дигитален пат на свилата“, која вклучува проширување на дигиталната инфраструктура во земјите во развој, преку ИТУ. Дипломатите, исто така, ја посочуваат Програмата за развој на ОН (УНДП) како стратегиски важна за Кина поради нејзината вклученост во инфраструктурни проекти усогласени со иницијативата „Еден појас, еден пат“.
ИТУ соопшти дека „ја цени силната ангажираност и поддршка“ на своите 194 земји-членки, но додаде дека не се огласува „за политички прашања или избори, бидејќи тие спаѓаат исклучиво во надлежност на земјите-членки“.
Во обид да влијае на јазикот на политиката и кадровските именувања, Пекинг ги користи своите врски со земјите во развој во рамките на ОН, особено преку Групата 77, коалиција од 133 земји од глобалниот југ. Многу од овие земји имаат силни трговски врски со Кина или склучиле договорни инфраструктурни проекти.
Кина, исто така, таргетира специфични организации за финансирање, како што се Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) и Канцеларијата на високиот комесар за човекови права, каде што ги зголеми своите придонеси од 100.000 долари во 2017 година на 4 милиони долари во 2023 година.
Тоа финансирање честопати доаѓа со очекување дека економските и развојните прашања ќе бидат приоритетни пред граѓанските и политичките прашања, вели Розмари Фут, професорка по политички науки на Универзитетот во Оксфорд.
Надвор од Женева, Кина оваа година дополнително го зголеми своето присуство на високи позиции во ОН. Во мај и јуни кинески државјани беа назначени за резидентни координатори, највисокорангирани претставници на ОН во една земја, во Боцвана и Малдивите. Првото такво назначување за Кина беше во 2020 година, во Намибија.
Минатата недела, Кина доби нова висока функција кога кинески државјанин беше назначен за специјален пратеник на ОН на Рогот на Африка, наследувајќи функционер од Гана.
„Интензивно лобираа“, рече еден функционер во Женева.
Од ОН на прашањата од Фајненшл тајмс одговориле дека „сите земји-членки се обидуваат да вршат влијание на различни начини за да обезбедат поддршка за своите цели во рамките на ОН… тоа едноставно е животен факт“.
„Во врска со претставувањето на кинеските претставници на високи позиции во ОН, очекуваме сите вработени во ОН да дејствуваат како меѓународни државни службеници, а не како претставници на нивните национални влади, и да бидат непристрасни во извршувањето на своите должности“, велат од ОН.






