недела, 6 април 2025

Трамп не воведе царини за Русија и Северна Кореја

Во обемниот пакет нови царински мерки што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп, на списокот нема неколку земји, меѓу кои Русија и Северна Кореја.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

За разлика од Кина, Европската унија или Индија, кои се соочуваат со драстично зголемување на царините, Москва и Пјонгјанг останаа надвор од дофатот на овој тарифен бран. Причината не е политичка попустливост, туку комбинација од постоечки санкции, минимална трговија и геополитички калкулации. Така барем тврди Белата куќа.

Портпаролката на Белата куќа Каролина Левит изјави за Аксиос дека Русија не е вклучена во тарифите бидејќи американските санкции веќе спречуваат каква било значајна трговија. „Сепак, САД сè уште тргуваат повеќе со Русија отколку со земји како Маурициус или Брунеи, кои се најдоа на тарифната листа на Трамп. Дури и оддалечените островски територии како Токелау (население 1.500) во Тихиот Океан и Свалбард (население 2.500) во Арктичкиот круг – територии на Нов Зеланд и Норвешка – се опфатени со царини“, наведе Аксиос.

Левит нагласи дека Куба, Белорусија и Северна Кореја се изоставени бидејќи веќе имаат екстремно високи царини и санкции.

Русија и Северна Кореја со години се предмет на опширни американски санкции. Поради инвазијата на Украина, Русија е под удар на санкции кои влијаат на финансискиот сектор, енергетиката и воената индустрија. Трговијата со САД опадна од 36 милијарди долари во 2021 година на само 3,5 милијарди долари во 2024 година, што го прави воведувањето дополнителни царини економски бесмислено.

Северна Кореја е уште поизолирана – американските и меѓународните санкции речиси целосно ја забрануваат трговијата, освен во хуманитарни случаи. Како што коментира аналитичарот Саурав Гош, „нелегалните канали се доминантни, а тарифите не би имале вистински ефект“.

Во вкупната структура на американската трговска размена, Русија и Северна Кореја учествуваат со помалку од 0,1%. Од друга страна, Кина оствари трговски суфицит од речиси 300 милијарди долари со САД во 2024 година, поради што е погодена со царинска стапка од дури 34%.

Исклучувањето на Москва и Пјонгјанг може да има и дипломатска позадина. Администрацијата на Доналд Трамп можеби ќе сака да задржи простор за преговори – со Русија за Украина и со Северна Кореја за нејзината нуклеарна програма.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ