На состанокот на работната група за организација на Светското првенство во 2026 година, кој се одржа во Белата куќа, претседателот Трамп изјави дека не знаел оти руската репрезентација нема да може да учествува на Светското првенство и дека ова може да биде добар поттик за Русија да ја прекине војната против Украина, објави Би-би-си.
„Точно е. Тие моментално се под санкции и им е забрането учество на Светското првенство. Но се надеваме дека ќе дојде мирот и дека Русија ќе може да се вклучи“, рече претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, кој седеше до претседателот Трамп.
„Па, тоа би можело да биде добар поттик (за Русија). Сакаме да ја запрат (војната). Пет илјади млади луѓе умираат секоја недела, неверојатно“, рече американскиот претседател.
Руските фудбалски клубови и репрезентацијата немаат право да учествуваат на меѓународните натпреварувања под покровителство на ФИФА и УЕФА, а санкциите следуваа кратко по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Европските квалификациски групи за Светското првенство во 2026 година веќе се составени, но повеќето квалификациски натпревари започнуваат во септември оваа година, па затоа постои теоретска можност Русија, доколку дојде до мир, да се приклучи на квалификациите подоцна.
За претседателот Трамп, кој го позајми слоганот „Да ја направиме Америка повторно голема“ од претседателот Роналд Реган (слоганот на неговата претседателска изборна кампања во 1980 година), запирањето на војната во Украина е една од неговите главни цели во надворешната политика.
Тој се надева дека тоа ќе му ја донесе Нобеловата награда за мир. Првиот американски претседател што ја добил Нобеловата награда за мир е републиканецот Теди Рузвелт во 1906 година. Благодарение на неговото посредништво, завршила Руско-јапонската војна (1904-1905).
На состанокот на работната група во Белата куќа присуствуваше и потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, кој рече дека САД со нетрпение очекуваат да бидат домаќини на навивачите од многу земји од целиот свет за време на Светското првенство.
„Ќе имаме гости од многу земји, веројатно стотина. Сакаме да дојдат, да ги гледаат натпреварите и да слават, но кога ќе заврши Светското првенство, ќе мора да си одат дома“, рече потпретседателот Венс.