Трамп смета дека е „несоодветно“ да дебатира со Харис се додека Демократската партија официјално не ја именува како своја кандидатка за претседателските избори во САД во ноември, соопшти тимот на републиканската кампања.
„Би било несоодветно да се договара што било со Харис бидејќи демократите многу лесно би можеле да се предомислат“, се вели во соопштението на тимот на Доналд Трамп, откако Харис, голем фаворит да го замени Џо Бајден откако тој се повлече од кампањата, рече дека е подготвена за дебата.
Поранешниот републикански претседател договори две дебати со Џо Бајден пред претседателските избори во ноември, 27 јуни и 10 септември.
Но, катастрофалниот настап на претседателот во заминување за време на првиот телевизиски двобој го принуди Џо Бајден да се откаже од својата кандидатура за втор мандат во неделата, по неколкунеделни повици да се откаже од трката поради загриженоста за неговото физичко и ментално здравје.
Потоа, неговата потпретседателка Камала Харис го презеде факелот и започна своја кампања, сега со широка поддршка меѓу демократите. Иако е силен фаворит, таа сè уште не е официјално прогласена за кандидат на Демократите за ноемвриските избори.
„Што се случи со ‘кога било, каде било’“, напиша Камала Харис на Икс, мислејќи на реченицата што ја користеше Трамп за да го повика Бајден на дебата во март.






