Министрите за надворешни работи на Данска и на Гренланд не успеале да го променат американскиот став за Гренланд, изјави синоќа шефот на данската дипломатија Ларс Леке Расмусен, по средбата во Белата куќа со потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, на пресудни разговори за барањата на претседателот Доналд Трамп Вашингтон да преземе контрола врз автономната територија на Данска.
Расмусен рече дека имале „искрена, но и конструктивна расправа“ со американските претставници за Гренланд и дека „и понатаму остануваат суштински несогласувања“. Тој истакна дека „не е неопходно САД да го преземат Гренланд“ и додаде дека „не постојат непосредни закани од Кина и Русија“ со кои Данска и Гренланд, заедно со своите сојузници, не можат сами да се справат.
Расмусен изјави дека меѓу населението на Гренланд нема поддршка за каква било американска интервенција. „Сакаме да соработуваме со нашите американски пријатели и сојузници, но таа соработка мора да се темели на почитување и мора да ги почитува нашите црвени линии“, рече тој и додаде дека „Гренланд е опфатен со членот 5 од повелбата на НАТО“.
Министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивиан Моцфелт, зазеде сличен тон, порачувајќи дека треба да се разговара за тоа како да се зајакне соработката со САД, „но дека тоа не значи дека Гренланд треба да биде во американска сопственост“.
Во пресрет на средбата, која траеше помалку од два часа, Гренланд и Данска соопштија дека започнале да го зголемуваат своето воено присуство на Гренланд и околу него, во тесна соработка со сојузниците од НАТО, во рамките на ветувањето за зајакнување на одбраната на Арктикот.
Според соопштението на данското Министерство за одбрана, засиленото воено присуство ќе вклучува низа вежби во текот на 2026 година.
Германија денес ќе ги испрати своите први војници на Гренланд, изјави синоќа портпаролот на владата, откако Шведска и Норвешка најавија слични чекори. Повеќе од десет извиднички војници ќе бидат распоредени, изјави портпаролот за Ројтерс. Норвешка претходно вчера соопшти дека ќе испрати двајца припадници на одбранбениот персонал на Гренланд. Соопштението уследи откако норвешкиот министер за одбрана Торе Сандвик вчера за Ројтерс изјави дека тој персонал ќе ја „мапира понатамошната соработка меѓу сојузниците од НАТО“. Шведскиот премиер Улф Кристерсон вчера, исто така, објави дека неговата земја, по барање на Данска, ќе испрати група воени офицери на Гренланд.
Трамп во последните недели повеќепати изјавуваше дека тој стратегиски позициониран и со минерали богат остров е клучен за безбедноста на САД и дека САД мора да го поседуваат за да ги спречат Русија или Кина да го заземат. Тој рече дека „сите опции се на маса“ кога станува збор за поседувањето на таа територија, реторика што сериозно ги затегна односите меѓу Копенхаген и Вашингтон.
„На САД им е потребен Гренланд поради националната безбедност. НАТО треба да го предводи патот кон тоа да го добиеме“, напиша американскиот претседател на социјалните мрежи. Сојузот би станал „многу посилен и поефикасен“ доколку таа територија биде под контрола на САД, тврдеше тој. „Тоа е клучно за Златната купола што ја градиме“, рече, мислејќи на системот за ракетна одбрана.
Во дополнителна објава, повикувајќи се на Русија и Кина, Трамп напиша: „НАТО: Кажете ѝ на Данска веднаш да ги тргне од таму! Две санки со кучиња нема да го решат тоа! Само САД можат!!!“
Според проценки на експерти, преземањето на таа територија би можело да ги чини САД и до 700 милијарди долари, објавија американските медиуми.
Гренланд и Данска порачуваат дека островот не е на продажба и дека заканите со употреба на сила се непромислени и дека безбедносните грижи треба да се решаваат меѓу сојузници.
„Крајната цел е да се најде некаков компромис или да се постигне договор што барем доволно би ја смирил реториката на Доналд Трамп“, изјави за Ројтерс Андреас Остехаген, директор за истражувања за арктичка и океанска политика во Институтот „Фридтјоф Нансен“ со седиште во Осло.
Ноа Редингтон, аналитичар и поранешен политички советник на некогашната данска премиерка Хеле Торнинг-Шмит, изјави дека во Данска и на Гренланд постоеле изразени стравувања дека Моцфелт и Расмусен би можеле да бидат третирани на ист начин како украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој доживеа јавно понижување на средбата со Трамп и Венс во Белата куќа во февруари 2025 година.
„Ова е најважната средба во историјата на современиот Гренланд“, изјави Редингтон за Ројтерс.
Данска и Гренланд првично побарале средба со шефот на американската дипломатија Марко Рубио, надевајќи се на разговор меѓу министрите за надворешни работи за надминување на кризата меѓу двајцата сојузници во НАТО. Меѓутоа, Расмусен изјави дека Венс сакал, како потпретседател, да биде домаќин на средбата во Белата куќа.
Сегашната реторика, според оценката на Ројтерс, укажува дека гренландските лидери го менуваат пристапот во справувањето со дипломатската криза.
Досега нагласуваа пат кон независност на Гренланд. Меѓутоа, сега во нивните јавни изјави повеќе се истакнува единството на Гренланд со Данска. „Не е време да се коцкаме со нашето право на самоопределување додека друга земја зборува за тоа да нè преземе“, изјави гренландскиот премиер Јенс-Фредерик Нилсен за гренландскиот дневен весник Сермициак.
„Тоа не значи дека во иднина не сакаме нешто друго. Но овде и сега ние сме дел од кралството и стоиме со кралството. Тоа е клучно во оваа сериозна ситуација“, рече тој.
Желбата на Трамп да го преземе Гренланд е во спротивност со противењето на Американците кон анексијата на тој арктички остров, покажува ново истражување на јавното мислење.
Само 17 проценти од Американците ги поддржуваат напорите на Трамп да го заземе Гренланд, а значително мнозинство и од демократите и од републиканците се противат на употреба на воена сила за анексија на островот, покажува анкетата Ројтерс/Ипсос.
Околу 47 проценти од испитаниците не ги одобруваат напорите на САД да го преземат Гренланд, додека 35 проценти изјавиле дека не се сигурни, во дводневното истражување што заврши во вторникот.
Во меѓувреме, европските сојузници ја повторија поддршката за Данска и Гренланд во пресрет на средбата во Белата куќа, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, во средата изјави дека Гренланѓани можат да „сметаат на нас“.
Во Париз, Емануел Макрон изјави дека, доколку би бил загрозен суверенитетот на некоја европска земја и сојузник, домино-ефектите би биле без преседан. Франција на 6 февруари ќе отвори конзулат во Нуук.






