„Не сакам ништо да пропадне, но понекогаш мора да пиетe лекови за да поправите нешто. Другите земји нè третираа лошо бидејќи имавме глупаво раководство што дозволи тоа да се случи“, рече Трамп, говорејќи пред новинарите во авионот Ер Форс 1 во врска со економските последици од неговите сеопфатни царини.
Зборувајќи со новинарите, Трамп не покажа никаков знак на повлекување од своите планови за тарифната политика или загриженост за огромните загуби на Волстрит, кои веќе избришаа речиси 6 трилиони долари од американските акции во четвртокот и петокот. „Што ќе се случи со пазарите, не можам да ви кажам. Но, нашата земја е многу посилна“, тврди Трамп.
Тој рече и дека нема да склучи договор со Кина доколку не се реши трговскиот дефицит што го има САД со таа земја. „Ако не го решиме тој проблем, нема да склучам договор“, рече Трамп. Тој потврди дека разговарал со европските и азиските лидери за тарифите наметнати од неговата администрација, додавајќи дека тие „умираат од желба да се договорат“.
„Доаѓаат на маса. Сакаат да разговараат, но нема разговор освен ако не ни платат многу пари на годишно ниво“, рече Трамп.
Американските цариници во саботата почнаа да ги наплаќаат Трамповите еднострани царини од 10 отсто за цел увоз од повеќе од 180 земји. Повисоките царински стапки, кои се движат од 11 до 50 отсто за одделни земји, треба да стапат на сила во среда.