Во објава на Трут сошл напиша дека се очекува „рекорден студ во 40 сојузни држави“ и иронично праша што се случило со глобалното затоплување.
„Рекорден студен бран се очекува во 40 држави. Ретко видено нешто слично досега. Ве молам може ли еколошките бунтовници да објаснат – КАДЕ ВИ Е ДОБОГА ГЛОБАЛНОТО ЗАГРЕВАЊЕ???“, напиша Трамп.

Проблемот е што токму ваквите екстреми спаѓаат меѓу најјасните последици од климатските промени.
Климатските промени не значат дека насекаде и постојано ќе биде потопло. Тие значат повеќе екстреми: поинтензивни топлински бранови, но и посилни студени продори. Тоа е темелен научен факт што климатолозите го објаснуваат со децении.
Како што Арктикот се загрева побрзо од остатокот од планетата, слабее температурната разлика меѓу северот и југот, што ја дестабилизира млазната струја. Последица се нарушувања што овозможуваат студениот арктички воздух да се спушти длабоко кон југ, вклучително и во САД.
Токму тоа го потврдуваат и релевантни институции како НАСА и американската Национална управа за океани и атмосфера (НОАА), кои со години предупредуваат дека затоплувањето на Арктикот ќе ја зголеми веројатноста за екстремни зимски епизоди во умерените географски широчини. Слично наведува и Меѓувладиниот панел за климатски промени (ИПЦЦ) во своите извештаи, во кои се истакнува дека глобалното затоплување не ги исклучува студените екстреми, туку во одредени околности може и да ги засили.
Научни трудови објавени во списанија како Нејчр и Саенс уште пред десет и повеќе години го поврзаа слабеењето на поларната вителна циркулација со почести продори на студен воздух во Северна Америка и Европа. Со други зборови, студените бранови како овој што сега ги погодува САД не се аргумент против климатските промени, туку се едно од сценаријата што научниците ги предвиделе.
Иронијата на објавата на Трамп лежи во тоа што климатската наука се исмева токму за време на настан што е речиси школски пример за она на што таа иста наука предупредува. Рекордниот студ не го побива глобалното затоплување, туку се вклопува во пошироката слика на климатски систем што станува сè понестабилен и посклон кон екстреми.
Климатските промени, накратко, не значат „постојана жештина“, туку свет во кој и топлинските бранови и студените продори се сè поизразени. Тоа не е политичко мислење, туку заклучок што со години се повторува во извештаите на ИПЦЦ, анализите на НАСА и НОАА и во голем број рецензирани научни истражувања. Објавата на Трамп покажува дека тој и понатаму не ја разбира таа разлика.






