понеделник, 22 декември 2025

Трамп нареди тестирање на американска интерконтинентална балистичка ракета

Соединетите Американски Држави го закажаа својот прв тест на интерконтинентална балистичка ракета (ИЦБМ) способна да носи нуклеарно оружје, откако американскиот претседател Доналд Трамп нареди продолжување на тестирањата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тестното лансирање на американската ракета „минутмен 3“ е закажано да се одржи помеѓу среда и четврток. Ракетата ќе биде лансирана од вселенската база Ванденберг во Калифорнија и треба да стигне до тест-погонот за ракетна одбрана Роналд Реган на атолот Кваџалеин на Маршалските Острови, во централниот дел на Тихи Океан.

Доколку лансирањето биде потврдено, ракетата ќе има слична траекторија како за време на тестот во мај оваа година, кога невооружена ракета со еден повратен модул прелета околу 6.800 километри од Калифорнија кон запад.

Ова би бил втор тестирање на американските нуклеарни сили во последните месеци. Во септември, подморница на американската морнарица испука четири невооружени балистички ракети „трајдент 2 Д5“ во Атлантски Океан покрај брегот на Флорида.

Според податоците од Федерацијата на американски научници (ФАС), американските воздухопловни сили имаат околу 400 ракети „минутмен 3“ распоредени во силоси во Колорадо, Монтана, Небраска, Северна Дакота и Вајоминг. Секоја од нив има дострел од повеќе од 9.600 километри. Иако на секоја ракета ѝ е доделена една нуклеарна боева глава, тие технички се способни да носат две или три.

Минатата недела американскиот претседател Трамп објави дека му наредил на министерството за одбрана „веднаш да започне со тестирање на нуклеарно оружје“, оправдувајќи ја одлуката со тврдење дека Русија и Кина, главните нуклеарни соперници на Америка, спроведуваат свои тестови.

Министерот за енергетика на САД Крис Рајт подоцна појасни дека тестовите нема да вклучуваат вистински нуклеарни експлозии, туку симулации на сите други фази од процесот со цел да се провери веродостојноста на системот кој би активирал нуклеарна реакција во реални услови.

Командата за глобален удар на американските воздухопловни сили соопшти дека станува збор за „рутински и редовен тест“ што се спроведува неколку пати годишно. „Овие тестови се планирани однапред и не се поврзани со актуелните светски настани“, според соопштението објавено по лансирањето во мај минатата година.

„Целта на тестот е да се потврди дека американското нуклеарно одвраќање останува безбедно, сигурно, ефикасно и способно да одговори на заканите од 21 век и да ги увери нашите сојузници во подготвеноста на американската одбрана“, соопшти војската.

Сè уште не е познато како ќе реагираат Русија и Кина доколку се спроведе планираното тестирање. Москва неодамна тестираше торпедо способно да носи нуклеарна боева глава, додека Пекинг претстави нова интерконтинентална балистичка ракета за која тврди дека може „да стигне до која било точка на планетата“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ