среда, 1 април 2026

Трамп: Нападите врз Иран ќе завршат за две-три недели, обезбедувањето на Ормускиот теснец не е работа на САД

Трамп претходно во вторникот ги нападна американските сојузници затоа што не направиле повеќе за да ги поддржат американските напади врз Иран, порачувајќи им „сами да си одат по својата нафта“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, во вторникот изјави дека обезбедувањето на Ормускиот теснец „не е наша работа“ и процени дека САД ќе ги завршат нападите врз Иран за две до три недели.

Трамп им рече на новинарите дека САД „нема да имаат никаква врска“ со тоа што се случува во теснецот и дека одговорноста за одржување на овој витален поморски пат отворен ќе биде кај државите што зависат од него.

Тој додаде дека „нема причина ние да го правиме тоа. Тоа не е наша работа. Тоа ќе биде за Франција. Тоа ќе биде за оној што го користи теснецот“.

Трамп претходно во вторникот ги нападна американските сојузници затоа што не направиле повеќе за да го поддржат американскиот воен ангажман против Иран, порачувајќи им „сами да си одат по својата нафта“.

Поради нападите на САД и Израел врз Иран и возвратните напади од Иран врз земјите од Заливот, како и блокадата на Ормускиот теснец, просечната цена на горивото во САД се искачи над четири долари по галон (3,8 литри).

Критиката на Трамп кон сојузниците на социјалните мрежи следеше по американските напади врз иранскиот град Исфахан, додека Техеран нападна целосно натоварен кувајтски танкер во Персискиот Залив.

Во војната, која започна на 28 февруари, загинаа повеќе од 3.000 луѓе, а конфликтот предизвика сериозни нарушувања во глобалното снабдување со нафта и гас, ги потресе светските пазари и ги зголеми цените на многу основни производи.

Трамп, кој се движеше меѓу тврдења дека напредуваат дипломатските преговори со Иран и закани за проширување на војната, претходно објави снимка од нападот врз Исфахан.

Иранската контрола врз Ормускиот теснец, поморски пат од Персискиот Залив низ кој во мирнодопски услови се транспортира една петтина од светската нафта, ги зголеми цените на нафтата на глобално ниво, а дополнително влијаеја и нападите врз енергетската инфраструктура на Блискиот Исток.

Цената на суровата нафта тип брент, како меѓународен репер, денес изнесуваше околу 107 долари по барел, што е повеќе од 45 отсто повисоко во однос на цената кога започна војната на 28 февруари.

Трамп ги обвини сојузниците на САД, како Обединетото Кралство и Франција, кои одбија да се вклучат во војната, наведувајќи дека нема јасна крајна цел и дека не биле консултирани.

„Ќе мора да научите да се борите сами за себе, САД повеќе нема да бидат тука да ви помагаат, како што ни вие не бевте тука за нас. Иран е, практично, разорена држава. Тешкиот дел е завршен. Одете сами по својата нафта“, напиша Трамп.

Тој особено ја критикуваше Франција затоа што не дозволила прелети над нејзина територија за транспорт на воени резерви кон Израел.

Сепак, Франција му дозволи на американското воено воздухопловство да ја користи базата Истра на југот на земјата, со гаранција дека авионите што слетуваат таму нема да учествуваат во напади врз Иран.

Шпанија, која се позиционира како најгласен европски критичар на војната, во понеделникот го затвори својот воздушен простор за американските авиони вклучени во конфликтот.

Италија неодамна одби американски воени ресурси да ја користат базата Сигонела на Сицилија за операции поврзани со офанзивата, изјави анонимен официјален претставник, потврдувајќи ги медиумските извештаи.

Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето напиша на Икс дека Италија и понатаму им дозволува на САД користење на нивните бази, тврдејќи дека не дошло до влошување на односите меѓу двете земји.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ