Со месеци Трамп врши притисок врз Индија да ја прекине својата зависност од евтината нафта од Русија. Владата во Њу Делхи го искористи падот на цената на руската нафта, бидејќи голем дел од Западот ја изолираше Москва поради нејзината војна против Украина од февруари 2022 година.
Трамп кажа и дека Индија ќе почне да ги укинува царините за американски стоки и дека ќе купува американски производи во вредност од 500 милијарди долари.
„Тоа ќе помогне да се стави крај на војната во Украина, која се случува токму сега, каде што илјадници луѓе умираат секоја недела!“ напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут соушал.
Моди напиша на социјалната мрежа Икс дека е „воодушевен“ од најавата за намалување на американските царини за индиските стоки и оцени дека „лидерството на Трамп е од витално значење за глобалниот мир, стабилност и просперитет“.
„Се радувам на блиската соработка со него за да го подигнеме нашето партнерство на невидени височини“, напиша Моди.
Трамп имаше срдечни односи со Моди, но тие се влошија поради трговските спорови околу војната на Русија во Украина.
Во јуни, САД објавија царини од 25 проценти за целиот увоз од Индија, откако администрацијата на Трамп изјави дека владата во Њу Делхи направила премалку за да го намали својот трговски суфицит со САД и да го отвори својот пазар за американски стоки. Потоа во август Трамп додаде уште 25 проценти на сето тоа бидејќи Индија купува руска нафта. Ова го зголеми вкупниот износ на царински давачки за увезената индиска стока на 50 проценти.
Индија историски повеќе соработувала со Русија за одбраната отколку за енергијата, но ја искористи можноста да заштеди пари купувајќи евтина руска нафта од почетокот на војната во Украина, додека Москва ја користи за да ја поткрепи својата економија оптоварена со санкции и да продолжи да ја финансира својата војна во Украина.
Неодамна Европската Унија и Индија потпишаа договор за слободна трговија, во однос на финансиската тежина и големината на пазарот, најголем досега во светот, кој се подготвуваше речиси 20 години, а Вашингтон веднаш го критикуваше како „помош за колаборационистот на Русија“.






