„Договорот со Хамас мора да се постигне до недела навечер во 18 часот по времето во Вашингтон“, напиша Трамп на социјалните мрежи.
„Сите земји се придружија! Ако оваа последна шанса не се прифати, ќе има пекол каков што никој досега не видел, против Хамас“, додаде тој.
На прашањето дали неговото раководство го финализирало одговорот на планот на Трамп за Газа, функционер на Хамас за Ројтерс изјавил: „Сè уште не, интензивни дискусии се во тек“.
Функционерот кажал дека Хамас водел разговори со арапските посредници, Турција и палестински фракции за да обликува „палестински одговор“.
Во вторникот Трамп кажа дека ќе му даде на Хамас три до четири дена да го прифати документот, кој бара разоружување на групата – барање што Хамас претходно го отфрли.
Планот повикува на итен прекин на огнот, размена на сите заложници кои ги држи Хамас за палестински затвореници кои ги држи Израел, постепено повлекување на Израел од Газа, разоружување на Хамас и воспоставување преодна влада предводена од меѓународно тело.
Американскиот претседател, кој сè повеќе се фрустрира од неговата неспособност да обезбеди прекин на огнот, го опиша Хамас како „бездушна и насилна закана на Блискиот Исток“ што претрпела жестока одмазда за нападот на 7 октомври 2023 година, пишува Ројтерс.
Во својата објава на социјалната мрежа Трут соушал Трамп напиша дека преостанатите борци на Хамас во Газа се опколени и „ќе бидат ловени и убивани“ доколку не се постигне договор, и ги предупреди „невините Палестинци“ да ги напуштат областите и да одат на безбедни места во Газа, без да прецизира каде се тие места.






