петок, 2 јануари 2026

Трамп: Мислам дека го пронајдовме одговорот за аутизмот

Претседателот на САД, Доналд Трамп, за време на говорот на комеморацијата за Чарли Кирк, објави дека денес ќе даде важна објава за аутизмот од Овалната соба.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Ќе имаме едно од најголемите медицински соопштенија во историјата на нашата земја. Мислам дека ќе помислите дека е неверојатно. Мислам дека го пронајдовме одговорот за аутизмот“, рече Трамп. Иако не прецизираше што планира да каже за аутизмот, Трамп нагласи дека неговата администрација „нема да дозволи тоа да се случи повторно“.

„Мислам дека тоа ќе биде една од најважните прес-конференции што некогаш ќе ги имам и навистина се радувам на тоа“, рече тој, додавајќи дека верува оти и Кирк би му се радувал на настанот.

Се очекува Трамп да објави дека развојот на аутизмот кај децата е поврзан со употребата на лекот против болки тиленол (кај нас парацетамол) за време на бременоста, заедно со ниските нивоа на фолна киселина, витамин што е важен за правилен развој на мозокот и ‘рбетот на бебето.

Исто така, тој ќе ја именува фолната киселина, форма на фолат, позната и како леуковорин, како начин за намалување на симптомите на аутизам. Суплементите со фолна киселина веќе се препорачуваат за време на бременоста за да се спречат дефекти на невралната туба, како што е спина бифида, кај доенчиња.

Тиленол, трговското име за генеричкиот лек против болки ацетаминофен, или парацетамол, е широко користен во Соединетите Држави, вклучително и за време на бременоста. Здравствените службеници планираат да ги предупредат жените да не го користат лекот во раната бременост освен ако имаат треска, објави Вашингтон пост.

Производителот на тиленол, Кенвју, потврди претходно овој месец дека започнал „научна размена“ за ова прашање со службеници од Министерството за здравство и човечки услуги на САД и ги повика бремените жени да разговараат со своите лекари пред да земат какви било лекови што се продаваат без рецепт.

„Ацетаминофенот е најбезбедната опција за лекови против болки што бремените жени можат да ја земаат по потреба во текот на бременоста. Без него, жените се соочуваат со опасни избори: да страдаат од состојби како треска што се потенцијално штетни и за мајката и за бебето, или да користат поризични алтернативи“, соопшти вчера компанијата.

„Факт е дека ригорозни истражувања, поддржани од водечки медицински експерти и глобални здравствени регулатори, повеќе од една деценија потврдуваат дека нема веродостојни докази што го поврзуваат ацетаминофенот со аутизмот. Ќе продолжиме да ги истражуваме сите опции за да ги заштитиме здравствените интереси на американските жени и деца“, додаде компанијата.

Нетретираната треска и болка за време на бременоста можат да носат свои ризици и за мајката и за бебето, вклучувајќи спонтан абортус, вродени дефекти и висок крвен притисок, според Здружението за мајчинско-фетална медицина.

Зачестеноста на аутизмот во САД е во пораст. Во 2022 година околу едно од 31 деца е дијагностицирано со аутизам до 8-годишна возраст, во споредба со едно од 36 во 2020 година, според извештај објавен во април од американскиот Центар за контрола и превенција на болести.

Според д-р Кристин Лад-Акоста, заменик-директорка на Центарот за аутизам „Венди Клаг“ на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, постојат две главни причини за зголемувањето. Првата е што во 2013 година психијатриската заедница ја прошири дефиницијата за аутизам, така што сега повеќе луѓе ги исполнуваат условите за дијагноза на аутизам.

Второ, постои притисок за подобро скринирање на децата, особено доенчињата, за знаци на аутизам. „Тој притисок за зголемена свест за симптомите е придружен со поголемо прифаќање на нарушувањето, така што луѓето не се плашат толку да побараат помош или да бидат идентификувани како аутистични“, рече Лад-Акоста.

Неколку студии ја испитуваа врската помеѓу употребата на ацетаминофен за време на бременоста и развојот на аутизам кај децата, но не беа пронајдени јасни заклучоци.

Студија од 2024 година објавена во списанието JAMA опфати повеќе од 2 милиони деца родени во Шведска помеѓу 1995 и 2019 година, од кои околу 185.000 се родени од мајки што користеле ацетаминофен за време на бременоста.

Студијата ги спореди стапките на аутизам кај овие деца со нивните браќа и сестри и со деца што не биле изложени на ацетаминофен и откри дека употребата на ацетаминофен за време на бременоста не е поврзана со зголемен ризик од аутизам, нарушување на вниманието и хиперактивност или други невролошки развојни нарушувања.

Мета-анализа објавена во август во списанието БМЦ Енваероментал хелт опфати 46 студии за употреба на ацетаминофен за време на бременоста и невроразвојни нарушувања кај децата. Шест студии конкретно се занимаваа со ацетаминофенот и аутизмот.

Севкупно, анализата заклучи дека постојат „силни докази за поврзаност“ помеѓу земањето ацетаминофен за време на бременоста и развојот на аутизам кај децата, но авторите предупредија дека нивната работа може да покаже само поврзаност, а не дека ацетаминофенот предизвикува аутизам.

„Препорачуваме разумна употреба на ацетаминофен – најниска ефикасна доза, најкратко времетраење – под медицински надзор, приспособено на индивидуалните проценки на ризикот и користа, наместо на широко ограничување“, напишаа истражувачите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ