понеделник, 22 декември 2025

Трамп: Милеи доби многу помош од нас, заработивме многу пари од тие избори

Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека неговиот аргентински колега Хавиер Милеи добил „голема помош“ од Соединетите Американски Држави пред изборната победа на неговата партија, откако САД ѝ понудија на Аргентина финансиска помош во потенцијална вредност од 40 милијарди долари.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Партијата на аргентинскиот претседател Хавиер Милеи освои 40,8 отсто од гласовите што ќе одлучат за пополнување на некои од местата во долниот дом на парламентот, кои сега беа на избори, во споредба со 24,5 отсто кои ги освои опозицијата.

Зборувајќи на патувањето во Азија, Трамп ја поздрави неочекуваната „голема победа“, нарекувајќи ја „одлична работа“.

„Тој доби многу помош од нас. Доби многу помош. Му дадов поддршка, многу силна поддршка“, кажа Трамп, кој исто така им оддаде признание на некои од неговите врвни функционери, вклучувајќи го и секретарот за финансии Скот Бесент задолжен за финансиската помош за Аргентина.

„Ние поддржуваме многу земји во Јужна Америка. Многу сме фокусирани на Јужна Америка“, кажа Трамп.

Исходот од изборите му дава мандат на аргентинскиот претседател да продолжи со радикалното реструктуирање на економијата и покрај распространетото незадоволство од строгите мерки за штедење.

Фич рејтингс во средата изјави дека поддршката на САД за пазарите на Аргентина спречила намалување на кредитниот рејтинг на јужноамериканската земја, но дека сè уште е потребен поширок план за враќање на меѓународните резерви за да се зголеми рејтингот.

Поддршката на Трамп за Милеи пред гласањето вклучуваше веќе постигнат договор за девизен курс од 20 милијарди долари и инвестициски фонд од 20 милијарди долари.

„Заработивме многу пари врз основа на тие избори бидејќи (вредноста на) обврзниците се зголеми. Целиот нивни кредитен рејтинг се зголеми“, рече Трамп, но додаде дека САД „не го прават тоа само поради парите “.

Бесент, кој го придружува Трамп, ја опиша финансиската помош како „мост“ кој ќе му помогне на економскиот проект на аргентинскиот претседател.

„(Милеи) се обидува да поништи 100 години лоши политики“, им кажа Бесент на новинарите. „Тие ќе бидат уништени благодарение на поддршката на Соединетите Американски Држави“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ