Тој се пофали со бројот на земјите што го контактирале обидувајќи се да постигнат договор за намалување на царините. „Овие земји ми ѕвонат, ми бакнуваат газ. Умираат од желба да се договорат“, рече Трамп.
„Ве молам, ве молам, господине, договорете се. Ќе направам сѐ“, го имитира Трамп наводното однесување на тие земји. Тој повтори дека тој е во право, а другите грешат во однос на опасностите од примената на царините.
„По ѓаволите, знам што правам. Јас сум единствениот што воведе царини бидејќи сите се плашеа. Се плашеа од критики“, рече тој.
Портпаролката на Белата куќа претходно објави дека телефоните „ѕвонат без престан“ и дека дури 70 земји изразиле желба за договор.
Аксиос вчера објави дека најмалку десетина републиканци во Претставничкиот дом размислуваат да поддржат нацрт-закон со кој американскиот Конгрес ќе мора да ги одобри царините во рок од 60 дена или тие автоматски ќе бидат укинати.
„Гледам некој бунтовен републиканец, некој тип што сака да каже: ‘Мислам дека Конгресот треба да ги преземе преговорите’. Да ви кажам, вие не преговарате како што јас преговарам“, рече Трамп.
„Само што го видов тоа денес, неколку ваши конгресмени. Тие мислат дека треба да се вклучат во преговорите за царините. О, баш тоа ми треба, ми треба некој тип што ќе ми кажува како да преговарам“, саркастично рече Трамп.