Трамп потврди дека Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес се транспортирани во Њујорк, каде што се обвинети за повеќе кривични дела, вклучително и наркотероризам. Според него, двојката патувала со хеликоптер и брод и ќе биде изведена пред судот во државата Њујорк.
„Хеликоптери ги однесоа и тие летаа удобно, верувам дека им се допадна“, кажа Трамп. „Убија многу луѓе, вклучително и многу Американци, но и луѓе во сопствената земја“, кажа Трамп, без да ги образложи обвинувањата.

Американскиот претседател кажа и дека САД ќе бидат „силно вклучени“ во венецуелската нафтена индустрија во иднина, потврдувајќи дека енергијата останува клучно прашање на американската политика кон Каракас по соборувањето на режимот.
Трамп додаде дека лично разговарал со Мадуро една недела пред нападот, а потоа му кажал дека мора да се предаде. „Му реков: мора да се откажеш, мора да се предадеш“, изјави тој.
„Моравме да направиме нешто многу попревизно, многу посилно“, додаде тој, опишувајќи ја одлуката за воената операција.
Трамп откри и дека операцијата првично била планирана четири дена порано, но била одложена поради неповолни временски услови. „Времето мора да биде совршено… одеднаш се отвори и кажавме, тргајте“, кажа тој.
Тој го опиша местото каде што бил уапсен Мадуро, наведувајќи дека бил во зграда „која повеќе личела на тврдина отколку на куќа“, со „цврст челик насекаде“.
Во претходните изјави Трамп ѝ оддаде признание на единицата Делта форс, елитната американска специјална единица која учествувала во апсењето. Тој ја пофали нивната „брзина“ и „насилна ефикасност“, велејќи дека тоа била операција каква што не видел претходно, иако, како што изјави, учествувале во бројни интервенции во надворешната политика.
„Можев да го следам секој аспект од операцијата, помеѓу Флорида и теренот во Венецуела“, кажа Трамп.
Тој, исто така, потврди дека неколку американски војници биле повредени за време на операцијата, но дека немало жртви. „Неколку момци беа погодени, но се вратија и треба да бидат во прилично добра форма“, оцени тој.
Изјавите на Трамп доаѓаат во време кога Вашингтон сигнализира дека влегува во нова фаза на управување со Венецуела, со истовремени пораки за промена на владата, гонење на поранешното раководство и посилна американска улога во клучните сектори на земјата, особено во нафтениот.






