сабота, 28 март 2026

Трамп: Куба е следна, правете се дека не сум го рекол ова

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „Куба е следна“ за време на говор на инвестициски форум во Мајами, во кој ги фалеше успесите на американските воени акции во Венецуела и Иран.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Иако Трамп не прецизираше што точно планира да направи во врска со таа островска држава, често велеше дека верува дека власта во Хавана, соочена со тешка економска криза, е на работ на колапс.

Неговата администрација во последните недели отвори преговори со делови од кубанското раководство, додека самиот Трамп навести дека и воена акција би можела да биде можна, пишува агенцијата Ројтерс.

„Ја изградив оваа голема војска. Реков: ‘Никогаш нема да мора да ја користите.’ Но понекогаш мора да ја користите. И Куба е, патем, следната“, рече Трамп на конференцијата во петокот.

„Но правете се дека тоа не сум го рекол. Правете се дека не сум го рекол“.

Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел призна дека таа земја води разговори со Соединетите Американски Држави за да се обиде да избегне можна воена конфронтација. Кубанската економија е сериозно погодена од нарушувањата во увозот на нафта, од која зависат работата на електраните и сообраќајот.

Пред американската операција во која во јануари беше уапсен сега соборениот венецуелски лидер Николас Мадуро, Венецуела обезбедуваше голем дел од кубанските потреби за нафта, но новата власт во Каракас, под притисок на Вашингтон, ги прекина тие испораки.

Претходно во март, Трамп изјави дека Куба би можела да биде предмет на „пријателско преземање“, а потоа додаде: „Можеби тоа нема да биде пријателско преземање“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ