Полуостровот Крим ќе остане дел од Русија со конечниот договор за украинскиот конфликт, изјави американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за магазинот Тајм објавено денеска.
Во интервјуто по повод неговите први 100 дена на функцијата, Трамп рече дека Крим одамна „отиде кај Русите“ и посочи дека „сите разбираат“ дека Украина нема да може да го врати.
„Крим ќе остане со Русија“ според конечната спогодба за украинскиот конфликт, рече Трамп, додавајќи дека дури и украинскиот претседател Владимир Зеленски го разбира тоа. „Тој е со нив долго време“, рече американскиот претседател, истакнувајќи дека Русија имала свои подморници таму „долго пред кој било период за кој зборуваме“ и дека мнозинството жители на Крим зборуваат руски.
Трамп, исто така, нагласи дека полуостровот ѝ е „даден“ на Русија од поранешниот американски претседател Барак Обама, тврдејќи дека целиот конфликт е „војна на Обама“, која „никогаш не требаше да се случи“.
Откако се врати на функцијата во јануари, Трамп врши притисок и Москва и Киев да го решат конфликтот. За време на минатогодишната изборна кампања, тој рече дека ќе ги прекине непријателствата „во рок од 24 часа“ по влегувањето во Белата куќа. Тој, сепак, за Тајм рече дека ова го кажал „фигуративно“ како „симболика“.
Во интервјуто за Тајм Трамп рече дека Украина најверојатно никогаш нема да може да се приклучи во НАТО. Амбициите на Киев да влезе во блокот предводен од САД Трамп го означи како прашање што „предизвика да почне војната“.
„Ако тоа не беше барано, ќе имаше многу поголеми шанси (конфликтот) да не почне“, рече тој.