„Ѝ кажав на Канада, која навистина сака да биде дел од нашиот фантастичен систем Златна купола, дека тоа ќе ја чини 61 милијарда долари ако остане засебна, но нерамноправна нација, но ќе ја чини НУЛА ДОЛАРИ ако стане наша сакана 51-ва држава. Ја разгледува понудата!“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут соушл.
Неговите коментари дојдоа кратко откако канадскиот премиер Марк Карни изјави за Си-би-ес дека сака да ја потпише големата европска одбранбена иницијатива и да стане дел од европскиот план за вооружување Риарм Јуроп до 1 јули, потег насочен кон намалување на зависноста на земјата од САД кога станува збор за оружје и муниција.
Карни доследно ги отфрла потезите на Трамп да ја направи Канада 51-ва држава. На неодамнешниот состанок во Овалната соба со Трамп, тој рече дека Канада не е на продажба.
Минатата недела, Трамп откри повеќе детали за својот проект вреден 175 милијарди долари, велејќи дека ќе биде оперативен пред крајот на неговиот мандат во 2029 година и дека ќе биде способен да пресретнува беспилотни летала и ракети од каде било во светот, дури и од вселената.
Трамп ја започна иницијативата Златна купола кратко по преземањето на функцијата во јануари. Системот ќе биде моделиран според израелската Железна купола, но прилагоден на американските услови и интегриран со постојната одбранбена инфраструктура.