Трамп изрази фрустрација што „ништо не се презема“ и ја повика Бонди да ги истражи поранешниот директор на ФБИ Џејмс Коми, главната обвинителка на Њујорк Летиција Џејмс и демократскиот сенатор Адам Шиф, кој ја водеше првата постапка за импичмент против него. Набрзо потоа тој повторно ја сподели објавата пофалувајќи ја Бонди, велејќи дека „работи одлично“.
„Прегледав над 30 изјави и објави кои во основа велат: „истата стара приказна како минатиот пат, сè е само зборување, нема акција. Ништо не се презема. Што е со Коми, Адам „Итриот“ Шиф, Летиција??? Сите се виновни како ѓаволи, но ништо нема да се преземе“, порача Трамп во саботата.
На прашање за неговите коментари во неделата, тој го повтори својот став: „Тие мора да дејствуваат. Тие мора да дејствуваат брзо“. Тој додаде дека верува оти „Пем Бонди ќе биде запаметена како една од најдобрите државни обвинители на сите времиња“.
Неговата изјава предизвика остри критики од демократите. Лидерот на малцинството во Сенатот, Чак Шумер, изјави дека „ова е пат кон диктатура“.
„Министерството за правда отсекогаш било многу, многу силна државна служба, без оглед на тоа кој бил на чело, демократ или републиканец. Тие ги гонеле прекршителите на законот без страв или пристрасност“, изјави Шумер за Си-ен-ен во неделата.
„Тој го претвора во инструмент за гонење на своите непријатели, без разлика дали се виновни или не“, додаде тој, мислејќи на американскиот претседател.
Повикот на Трамп дојде само еден ден откако федералниот обвинител Ерик Зиберт ја напушти функцијата. Трамп претходно кажа дека сака оставка од Зиберт поради неговиот неуспех да ја гони државната обвинителка на Њујорк Летиција Џејмс по обвинение за измама со хипотеки.
Њујорк тајмс објави дека Зиберт информирал високи претставници на министерството за правда дека нивните истраги не откриле доволно докази за да се гони Џејмс. Таа, од друга страна, ги отфрли обвинувањата како „неосновани“ и мотивирани од „одмазда“.
Трамп, пак, во саботата тврдеше дека Зиберт е отпуштен. „Го отпуштив, а има голем случај, а тоа го велат многу адвокати и правни експерти“, кажа тој.
Уште од 1970-тите, американското министерство за правда се обидува да се позиционира како институција во голема мера независна од претседателот. Сепак, Трамп ја прекрши таа норма. За време на својот прв мандат, тој го отпушти државниот обвинител Џеф Сешнс затоа што се повлече од истрагата за руското мешање во изборите во 2016 година. Неговиот наследник, Вилијам Бар, поднесе оставка откако ги оспори лажните тврдења на Трамп за широко распространета изборна измама во 2020 година.
За време на неговата изборна кампања Трамп вети одмазда против бројни политички противници, вклучувајќи го и поранешниот претседател Џо Бајден. Тој презеде и конкретни чекори, одземајќи им ги безбедносните дозволи за пристап до класифицирани материјали на неколку службеници, вклучувајќи ги Џејмс и окружниот обвинител на Менхетен Алвин Брег. Тој, исто така, отпушти неколку обвинители кои соработуваа со специјалниот советник Џек Смит во истрагите против него.






