Во последните денови Трамп разговарал со своите сојузници за отпуштање на Бонди, а вчера лично разговарал за оваа можност со неа. Изворите наведуваат дека во разговорот, кој еден од нив го опиша како „тежок“, Трамп ѝ дал до знаење дека нема долго да остане на функцијата и дека ќе биде заменета во блиска иднина. Според тврдењата, на Бонди ѝ било кажано дека подоцна ќе добие друга работа, а Трамп ја спомнал можноста да ја назначи за судија откако ќе го напушти Министерството за правда.
Изворите тврдат дека Трамп бил фрустриран од работата на Пам Бонди од повеќе причини. Тој бил особено незадоволен од нејзиното ракување со документите на Џефри Епстин и ја обвинил дека не отворила истраги или не поднела обвиненија против доволен број негови политички противници.
Еден од случаите кој го привлекол вниманието на Трамп е истрагата за тоа дали поранешниот директор на ЦИА Џон Бренан дал лажни изјави пред Конгресот за проценката на разузнавањето за руското мешање во изборите во 2016 година. Обвинителите во Мајами им кажаа на претставниците на Министерството за правда дека не го сметаат случајот доволно силен, но продолжија да работат на можни обвиненија.
Според лице запознаено со случајот, Бонди вчера го повикала државниот обвинител на Мајами во Вашингтон за да разговараат за напредокот на истрагата, убедена дека процесот се одолговлекува. Тој состанок во рамките на Министерството за правда е протолкуван како обид да се покаже дека таа сè уште спроведува истраги кои се приоритет за претседателот.
Сепак, недостигот од успех во спроведувањето на кампањата за одмазда на Трамп не секогаш се должела на недостиг од обиди. Министерството за правда поднесе обвиненија против поранешниот директор на ФБИ Џејмс Коми и државната обвинителка на државата Њујорк Летиција Џејмс, но и двата беа отфрлени откако судија пресуди дека обвинителот не постапил законски.
Додека Бланш привремено го презема раководството на министерството, изворите велат дека Трамп го разгледува директорот на Агенцијата за заштита на животната средина Ли Зелдин како замена за Бонди, но и други кандидати се во игра. Интересно е што Трамп вчера, коментирајќи ги медиумските написи за отпуштањето, ја пофали Бонди. „Главната обвинителка Пам Бонди е прекрасна личност и таа добро ја врши работата“, кажа тој.
Можноста Зелдин да ја замени Бонди првпат се појави во јануари, но згасна откако случајот Епстин исчезна од медиумите. Сепак, гласините повторно почнале да кружат во Белата куќа пред три дена. Изворите велат дека Бонди во последните денови приватно ги прашувала соработниците дали мислат дека нејзината работа е во опасност, што сугерира дека самата таа не била сигурна каков е нејзиниот статус кај претседателот.
Некои во потесниот круг на Трамп долго време се незадоволни од начинот на кој Бонди го водела случајот со документите на Епстин. Тие веруваа дека нејзините изјави придонеле за впечатокот дека администрацијата неоправдано крие материјали од јавноста.






