Тој денес потпиша указ со кој 8 мај официјално станува „Ден на победата во Втората светска војна“.
„Денес нашата нација гордо се сеќава на 80-годишнината од триумфот на Сојузничките сили над национал-социјализмот и фашизмот и крајот на Втората светска војна во Европа, една од најепските победи на силите на слободата во историјата на светот“, се наведува во указот.
Ова е ден за прослава „на силата и силите на американските оружени сили кои се без конкуренција“ и ветување „дека ќе ја браниме нашата света слобода од сите закани, домашни и странски“, додаде Трамп.
„По нападот на Перл Харбор на 7 декември 1941, САД праведно влегле во битката која ќе стане врвот на вечната борба меѓу доброто и злото. По речиси четири години најмрачни поглавја во човечката историја, повеќе од 250.000 Американци ги изгубиле животите во борбата против нацистичкиот режим“, се наведува во указот.
Според Трамп, американските војници се бореле за „својата нација, слободата и опстанокот на Западната цивилизација“.
„Без жртвите на нашите американски војници, немало да има победа во оваа војна, а нашиот свет денес би изгледал драстично поинаку“, заклучи Трамп.
Во указот нема ни збор за другите земји кои учествувале во војната на страната на Сојузниците, од Британија до Советскиот Сојуз.
Според официјалните податоци на Пентагон, на европското боиште загинале 183.000 американски војници, а 111.000 настрадале во борбите против Јапонија на Пацифичкото боиште.
Советскиот Сојуз во борбата против 70 до 80 отсто од вкупната германска воена моќ изгубил преку осум милиони војници, со вкупни загуби проценети на речиси 27 милиони, вклучувајќи ги цивилите.