недела, 14 декември 2025

Трамп ја исклучи можноста за испраќање американски трупи во Украина

Американскиот претседател Доналд Трамп ја исклучи можноста за испраќање американски трупи во Украина во своето прво интервју по вчерашниот состанок во Белата куќа со украинскиот претседател Володимир Зеленски и европските лидери.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Имате моја гаранција дека нема да дојде до тоа, а јас сум претседател“, рече Трамп во телефонско интервју за Фокс кога беше прашан дали американските сили би можеле да бидат испратени да ја бранат Украина во случај на нова руска офанзива.

Американскиот претседател повтори дека Украина нема да биде примена во НАТО додека е тој на функција, но кажа дека Киев сепак ќе добие безбедносни гаранции. Како што сугерираше, европските сојузници ќе ги „преземат“ тие гаранции.

Трамп кажа дека Франција, Германија и Британија размислуваат за испраќање трупи за зајакнување на одбраната на Украина.

Британски Гардијан објави дека рускиот претседател Владимир Путин, според два извори, предложил да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Москва, со цел да се стави крај на војната во Украина.

„Путин ја спомена Москва за време на разговорот со Трамп во понеделник“, изјави еден од изворите за Франс прес, додавајќи дека Зеленски одговорил со „не“.

Трамп денес повторно предупреди дека Владимир Путин ќе се најде во „непријатна ситуација“ ако не соработува во мировниот процес, додека кажа дека Зеленски мора да покаже одредена флексибилност.

„Се надевам дека претседателот Путин ќе биде разумен, а ако не е, тоа ќе биде тешка ситуација. И се надевам дека Зеленски ќе го направи она што треба да го направи. Мора да покаже одредена флексибилност“, изјави Трамп за Фокс.

Тој додаде дека се надева дека рускиот претседател Владимир Путин ќе направи чекор кон завршување на војната во Украина, но призна дека е можно рускиот лидер да не сака договор, пренесува Ројтерс.

„Искрено, не мислам дека тоа ќе биде проблем. Мислам дека на Путин му е доста од сè. Мислам дека сите се уморни, но никогаш не се знае. Ќе дознаеме повеќе за претседателот Путин во следните неколку недели… Можно е да не сака договор“, кажа Трамп во интервју за емисијата Фокс енд френдс.

Тој рече дека за танго се потребни двајца.

„Му реков (на Путин) дека ќе закажеме состанок со претседателот Зеленски, за да се сретнат двајцата, а по тој состанок, ако сè оди добро, јас ќе ја преземам водечката улога и ќе го завршиме. Но, знаете, за танго се потребни двајца. Мора да имаат барем некаков однос. Инаку, само губиме време. А јас не го сакам тоа. Само сакам да го завршам ова. Не губиме американски животи. Не губиме американски војници. Губиме руски и украински… претежно војници. Некои цивили исто така загинаа кога ракетите погодија погрешни места или паднаа врз градови како Киев и села. Но, знаете, ако можам да спасам 7.000 луѓе неделно од смрт, мислам дека тоа е… сакам да се обидам да го саслужам рајот, ако е можно“, рече Трамп.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ