„Тие дадоа предлог и тоа е значаен предлог. Тоа е значаен чекор. Не е доволно добар“, кажа Трамп.
„Војната може да заврши многу брзо ако го направат тоа што мораат. Мора да направат одредени работи. Тие го знаат тоа, мислам дека преговараа со добра намера“, кажа тој на годишниот велигденски настан во Белата куќа. Додаде дека е лут на иранската влада и дека Иран ќе плати висока цена.
Претходно денес Иран му го пренел на Пакистан својот одговор на предлогот на Соединетите Американски Држави за прекин на војната, отфрлајќи го прекинот на огнот и нагласувајќи ја потребата од траен крај на војната. Одговорот на Иран се состои од десет точки, вклучувајќи крај на конфликтот во регионот, протокол за безбедно минување низ Ормускиот теснец, укинување на санкциите и репарација, објави официјалната иранска новинска агенција ИРНА.
Пред тоа, Трамп се закани дека „пеколот“ ќе се спушти врз Техеран ако до крајот на утрешниот ден не постигне договор што ќе го отвори сообраќајот низ теснецот, клучен морски премин за снабдувањето со енергенси во светот.
Мировниот план посредуван од Пакистан произлегол од контактите остварени синоќа. Планот предвидува итен прекин на огнот и продолжување на преговорите за пообемна мировна спогодба која би се склучила во рок од 15 до 20 дена, изјави за Ројтерс извор запознаен со разговорите.
Шефот на пакистанската армија, фелдмаршал Асим Мунир, „цела ноќ“ бил во контакт со американскиот потпретседател Џеј Ди. Венс, специјалниот американски претставник Стив Виткоф и иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи, додал изворот.






