И покрај претходните повици на бунт против режимот, Трамп призна дека во такви услови „многу е тешко да се протестира“, бидејќи луѓето се предмет на напади од сопствената војска.
„Всушност им велам да не излегуваат, целосно ги разбирам“, рече тој.
„Не станува збор за храброст, сите сме храбри… јас сум храбар“, додаде.
Според Ројтерс, изјавите на Доналд Трамп доаѓаат во период на засилени воздушни напади врз иранска инфраструктура и растечки притисок врз Техеран да го отвори Ормускиот теснец, кој е клучен за глобалниот транспорт на нафта.
Истовремено, Гардијан пишува дека неговата реторика станува сè поостра и понепредвидлива, што предизвикува критики и во самите САД, особено од демократските политичари. Би-би-си, пак, наведува дека иранските власти остро реагираат на ваквите изјави и ги оценуваат нападите врз цивилна инфраструктура како кршење на меѓународното право.
Конфликтот меѓу САД, Израел и Иран трае веќе неколку недели, со илјадници жртви и растечки ризик од проширување на војната и нарушување на глобалното снабдување со нафта.






