вторник, 10 март 2026

Трамп: Иран ќе нè нападнеше за една недела, војната наскоро ќе заврши (ВИДЕО)

Американскиот претседател Доналд Трамп денес се обрати на прес-конференција посветена на војната со Иран, изнесувајќи низа тврдења за текот на конфликтот и за американските воени операции.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Трамп изјави дека американските сили постигнуваат „голем напредок“ и дека воените цели на САД во Иран „практично се остварени“. Според него, досега биле погодени повеќе од 5.000 цели во Иран, вклучително и објекти поврзани со производството на беспилотни летала. Тој рече дека американската војска знае каде се наоѓаат сите погони за производство на дронови и дека ги погодува „еден по еден“, додавајќи дека САД би можеле да ги уништат сите преостанати цели во рок од еден ден.

Трамп исто така изјави дека Иран ќе го „презел Блискиот Исток“ доколку САД и Израел не нападнеле први. „Иран е многу моќна земја. Да не ги нападневме, тие ќе го преземеа Блискиот Исток“, рече тој.

Во врска со можниот крај на конфликтот, Трамп рече дека војната нема да заврши до крајот на неделава, но дека очекува тоа да се случи „многу скоро“.

Тој тврдеше и дека Иран подготвувал напад врз САД и нивните сојузници. Според него, нападот ќе се случел „во рок од една недела, сто проценти“. Трамп рече дека Иран располагал со многу повеќе ракети отколку што се претпоставувало и дека планирал да нападне цели на Блискиот Исток и во Израел, а ако имал нуклеарно оружје, ќе го употребел против Израел.

Трамп зборуваше и за морските операции, наведувајќи дека досега биле потопени 46 ирански брода. Тој раскажа дека кога прашал зошто бродовите не се запленуваат наместо да се уништуваат, му било одговорено дека е „позабавно да се потопуваат“.

На прашање за новиот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, Трамп рече дека не сака да каже дали „има мета на грбот“, додавајќи дека би било несоодветно да одговори на такво прашање. Тој сепак изјави дека е разочаран од изборот на новото раководство во Иран, бидејќи смета дека тоа ќе доведе до продолжување на истите проблеми во земјата.

Трамп додаде дека би сакал Иран во иднина да го води некој „одвнатре“, а не личност што долго време живее во странство, спомнувајќи дека некои кругови го предлагаат синот на последниот ирански шах, кој со децении не живее во Иран.

Во текот на обраќањето, Трамп се осврна и на извештаите за нападот врз училиште во Иран, при што рече дека не располагаат само САД со ракети „томахавк“, туку дека и други држави имаат такво оружје. Според него, тоа значи дека не може однапред да се утврди кој стои зад конкретниот напад.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ