„Повеќето луѓе што ги имавме на ум се мртви“, рече Трамп во почетокот на состанокот со германскиот канцелар Фридрих Мерц во Белата куќа, додавајќи дека е можно новиот ирански лидер да биде „подеднакво лош“ како ајатолахот Али Хамнеи, кој беше убиен во напад минатата сабота.
Коментарите на Трамп доаѓаат во момент кога израелските сили заземаат нови подрачја во јужен Либан и наредија евакуација на најмалку 80 либански села.
Израелската војска го опиша тој потег како обид да се заштитат израелските погранични градови од ракетни напади на Хезболах, милиција поддржана од Иран. Во исто време израелски борбени авиони изведоа силни воздушни напади во близина на либанскиот главен град Бејрут и ирански Техеран.
САД ги затворија своите амбасади во Саудиска Арабија и Кувајт откако беа погодени од беспилотни летала и ги повикаа американските државјани веднаш да напуштат 14 земји на Блиски Исток. Иранската државна телевизија ИРИБ објави дека ирански дрон погодил и подрачје во близина на американскиот конзулат во Дубаи.
Канцеларијата за медиуми на владата на Дубаи соопшти дека пожарот предизвикан од „инцидент поврзан со дрон“ во близина на конзулатот е ставен под контрола и дека нема повредени.
Претседателот Трамп даде повеќе објаснувања за американската воена операција. Вчера во Белата куќа изјави дека одлуката за влегување во војната ја донел за да го пресретне Иран, за кој тврди дека се подготвувал да изврши напад. Функционери што ги знаат американските разузнавачки податоци наведуваат дека Трамп ја преувеличил непосредноста на каква било закана што Иран ја претставувал за САД.
„Преговаравме со тие лудаци, а моето чувство беше дека ќе удрат“, изјави Трамп. На прашањето дали Израел го поттикнал на акција, за што многу се известуваше, одговори: „Ако некој некого поттикнал, можеби јас го поттикнав Израел.“
Во законски обврзувачкото известување што подоцна во вторникот му го испрати на Конгресот, Трамп наведе дека нападите врз Иран се спроведуваат за заштита на САД, на американските сили на Блискиот Исток, за промовирање на националните интереси и „како дел од колективната самоодбрана на нашите регионални сојузници, вклучително и Израел“.
Тој нагласи дека не постои временска рамка за завршување на нападите. „Иако САД се стремат кон брз и траен мир, во овој момент не е можно да се предвиди целосниот обем и траењето на воените операции што може да се покажат неопходни“, напиша Трамп во писмото до сенаторот Чарлс Е. Грасли, привремен претседател на Сенатот. Писмото, како што наведе, е испратено за „Конгресот целосно да биде информиран“ за воената операција, во согласност со Законот за воени овластувања.
Од саботата, кога САД и Израел го почнаа нападот врз Иран, а Иран возврати со истрелување стотици дронови и проектили, загинаа повеќе од 800 луѓе, најмногу во Иран, но и низ Блискиот Исток.






