Сузи Вајлс, шефица на кабинетот на Доналд Трамп, даде серија интервјуа во текот на првата година од неговото претседателство што ја шокираа јавноста во Соединетите Американски Држави, во кои отворено зборуваше за нестабилноста на Трамп и неговата „алкохоличарска личност“, чудната група луѓе во неговото опкружување, војната што се подготвува во Венецуела и други теми.
Инаку резервираната Вајлс му дала 11 интервјуа на авторот на книга за шефовите на кабинетот на Белата куќа, Крис Випл, кој ги објави нејзините коментари во Венити фер.
По објавувањето на експлозивниот текст, Вајлс на социјалните мрежи го нарече „неискрено пласиран напад врз мене и врз најдобриот претседател, персонал на Белата куќа и кабинет во историјата“.
The article published early this morning is a disingenuously framed hit piece on me and the finest President, White House staff, and Cabinet in history.
Significant context was disregarded and much of what I, and others, said about the team and the President was left out of the…
— Susie Wiles (@SusieWiles) December 16, 2025
Таа немала забелешки на ниту еден од фактите изнесени во текстот, но рече дека „значаен контекст е игнориран и многу од она што јас и другите го рековме за тимот и претседателот е изоставено од приказната“.
Во коментарите објавени во текстот, Вајлс го спореди Трамп со својот татко, Пит Самерол, легендарен спортски коментатор, кој бил алкохоличар и како родител не бил присутен. Иако Трамп не пие, таа сугерираше дека тој има „алкохоличарска личност“, бидејќи се однесува со „уверување дека ништо не е невозможно. Ништо, нула, ништо“. Нејзиното искуство со таткото, како што рече, ја направило „донекаде експерт за големи личности“.
Таа опиша неколку ситуации во кои го советувала Трамп да забави или да не оди толку далеку колку што сакал, но тој сепак постапувал по свое. Рече дека му советувала да не ги помилува најнасилните учесници во нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година, што тој сепак го направи. Исто така, се обидела да го одврати од најавувањето високи царини на пролет поради „големо несогласување“ во неговиот тим, но тој продолжил со планот.
Вајлс рече дека со Трамп склучила „лабав договор“ да ја прекине кампањата на „наплата на долгови“ против политичките непријатели по 90 дена, бидејќи не сакала тоа да го одвлекува вниманието од неговите вистински цели, што очигледно била неуспешна идеја. Таа, исто така, призна дека некои обвинителни постапки биле барем делумно мотивирани од неговата желба за одмазда.
„Во некои случаи, тоа може да изгледа како одмазда. И можеби има елементи од тоа одвреме-навреме. Кој би можел да го обвини? Јас не“, рече таа.
Вајлс беше поотворена отколку што обично се службениците на Белата куќа кога станува збор за луѓето во опкружувањето на Трамп. Таа изјави дека потпретседателот Џеј Ди Венс „бил теоретичар на заговори десет години“ и го нарече Расел Т. Вот, директорот за буџет, „десничарски фанатик“.
Остро го критикуваше Илон Маск, милијардер и сојузник на Трамп, кој во почетокот од новиот претседателски мандат на Трамп доби одврзани раце да ги разурне сојузните агенции и министерства.
„Тој е чудна, чудна птица, какви што, според мене, се генијалците. Знаете, тоа не е корисно, но тој е свој човек“, рече таа. Го нарече „признат корисник на кетамин“, иако подоцна за Њујорк тајмс изјави дека немала никакви конкретни сознанија за тоа, освен изјавите на самиот Маск.
Вајлс го опиша и уништувањето на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) од страна на Маск.
„Во почетокот бев запрепастена“, му рекла на Випл, забележувајќи дека странските работници „вршат многу добра работа“. Пристапот на Маск „не е начинот на кој јас би го направила тоа“, рече таа, додавајќи дека „никој разумен не може да мисли дека процесот на УСАИД бил добар. Никој“.
Вајлс признала дека Трамп не ја зборувал вистината за врската на поранешниот американски претседател Бил Клинтон со сексуалниот предатор Џефри Епстин, а ја критикуваше и државната обвинителка Пем Бонди поради начинот на кој ракувала со истрагите поврзани со него.
Додека Трамп со години тврдеше дека Клинтон го посетил приватниот остров на Епстин, Вајлс рече дека нема докази за тоа. Кога ја прашале дали постои каква било компромитирачка информација за Клинтон во документите на Епстин, таа одговорила: „Претседателот не беше во право по тоа прашање“.
Што се однесува на Бонди, која му е пријателка на Вајлс, таа рече дека обвинителката не препознала колку се страсни десничарските поддржувачи на Трамп во врска со Епстин.
„Мислам дека таа целосно погрешно процени дека тоа беше многу таргетирана група на која тоа ѝ беше важно. Прво им дадоа папки полни со ништо. Потоа рече дека списокот на сведоци, или клиенти, бил на нејзината маса. Нема список на клиенти и сигурно не бил на нејзината маса“, раскажа шефицата на кабинетот на Трамп.
Важен поттекст на коментарите на Вајлс е тивкото натпреварување меѓу Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио, кои се борат за поддршката на Трамп за да го наследат во 2028 година, пишува Њујорк тајмс. Разликата што таа ја направи меѓу нив беше видена како доказ дека го поддржува Рубио, нејзин колега од сојузната држава Флорида, наспроти Венс, кој е поприфатлив за „МАГА“ крилото.
Вајлс зборуваше за тоа како секој од нив го поминал патот од остар критичар на Трамп до клучен соработник.
„Марко не беше тип на личност што би ги прекршил своите принципи. Тој едноставно нема да го стори тоа. Затоа мораше да стигне до таму каде што е сега“. За Венс, пак, рече дека „неговата конверзија дојде кога беше кандидат за Сенатot. И мислам дека таа конверзија беше донекаде политичка“.
Рубио му рекол на Випл, како што веќе споменал, дека ќе го поддржи Венс ако се кандидира. Сепак, ривалството било очигледно кога Венс го задевал фотографот на Венити фер дека ќе му даде 1.000 долари ако направи Рубио да изгледа полошо од него.
Без разлика дали намерно или не, Вајлс постави нова политичка и правна граница за својот шеф доколку одлучи да го ескалира судирот со претседателот на Венецуела, Николас Мадуро. Иако Трамп бомбардираше бродови на наводни трговци со дрога, заплени нафтен танкер и го прогласи венецуелскиот воздушен простор за забранет, сè уште нема побарано одобрение од Конгресот. Меѓутоа, ако ги нареди „копнените напади“ за кои зборуваше, Вајлс рече дека ќе му биде потребна дозвола од Конгресот.
Таа, исто така, јасно стави до знаење дека промената на режимот е вистинската цел на Трамп во Венецуела.
„Тој сака да продолжи да ги крева бродовите во воздух сè додека Мадуро не заплаче. А луѓе многу попаметни од мене за тоа прашање велат дека ќе заплаче“, рече Вајлс.
Вајлс изрази и загриженост дека Трамп и администрацијата со своите потези ги одвраќаат клучните гласачи. Таа сугерираше дека аферата „Епстин“ би можела да ѝ наштети на партијата кај новите гласачи, кои ги опиша како „слушатели на Џо Роган“, кои не се дел од традиционалната МАГА-база.
Таа, исто така, ја повтори сè поизразената загриженост во рамките на партијата дека Трамп е премногу фокусиран на надворешната политика, а недоволно на домашните прашања. „Веројатно се потребни повеќе разговори за домашната економија, а помалку за Саудиска Арабија“, рече таа. Сепак, и покрај сè, оптимистички предвиде победа на меѓуизборите, иако нејзините коментари покажуваат дека не успеала да го убеди Трамп да го смени курсот.






