среда, 11 март 2026

Трамп и Путин се жедни за статус, затоа обајцата сакаат да ја уништат Европа

Либералните демократи ја гледаат Русија на Путин како силеџија – а Трамповата Америка како гневен пијаница со базука. Реакцијата е чист отров, пишуваат Хенри Фарел и Сергеј Радченко за Гардијан.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Има луѓе што тврдат дека војната на Владимир Путин против Украина не е мотивирана од стравови или империјални амбиции, туку од непочитта од другите земји. Русија некогаш имаше авторитет како една од двете светски суперсили, но оттогаш го изгуби тој статус. Таа знае дека ја изгубила почитта на другите земји (позната е изјавата на Барак Обама дека Русија е само „регионална сила“), а војната во Украина е нејзиниот начин да си ја врати.

Она што можеби изненадува е дека и свртувањето на Доналд Трамп против Европа има слични мотивации. Путин знае дека неговиот агресивен реваншизам нема да донесе наклонетост од земјите чија почит ја посакува. Но ако не може да биде сакан, се надева барем дека ќе предизвика стравопочит. Ако си во општествен поредок што те смета за инфериорен, имаш силен поттик да станеш расипувач на правилата.

Исто така, Трамп сака да го наруши општествениот поредок што него и неговиот светоглед ги третира со презир. Американскиот претседател и неговите функционери добиваат почит од диктатори и кралеви (иако можеби не од оние чие мислење најмногу го сакаат – Путин и Си Џинпинг), но тие знаат дека лидерите на многу други демократски земји ги гледаат од високо.

Сега токму Америка сака да настапи како расипувач, разбивајќи ја постојната хиерархија на почит за да ја замени со свет во кој Трамп ќе добива безусловна покорност. Европа, со својот акцент на владеењето на правото и мултилатерализмот, е најсилниот преостанат пример за цел еден систем на престиж и вредности што администрацијата на Трамп сака да го уништи.

Иронијата е во тоа што токму САД го изградија светот што Трамп сега се подготвува да го сруши. По Втората светска војна, Вашингтон разви нова глобална амбиција. Републиканците и демократите споделуваа верба дека светот изграден врз американски вредности ќе биде подобар за Америка. Прокламираа дека демократијата и владеењето на правото се идеалите според кои треба да се вреднуваат државите.

И покрај очигледното лицемерие (самите САД редовно постапуваа на нелиберални, недемократски начини и претпочитаа да судат отколку да бидат судени), ова беше темелот на американската „мека моќ“; нејзината способност индиректно да влијае врз светот преку културата и вредностите. Другите земји гледаа кон САД како модел што треба да се следи.

Современата Европа беше најголемото достигнување на стариот поредок. По Втората светска војна, САД помогнаа во обновата на економиите на западна Европа, поттикнувајќи го успехот на либералните партии и често тивко поткопувајќи ги оние што ги сметаа за премногу левичарски или десничарски.

Европската Унија има историски корени во аранжман создаден за координација на американската помош распределена преку Маршаловиот план. Како што растеше, таа изгради нов поредок за Европа, заснован на соработка меѓу државите, значењето на правото и либералната демократија. Откако советската доминација врз источна Европа се распадна, Европската Унија се прошири за да ги вклучи земјите на југот и на истокот, под услов тие да ги прифатат демократските принципи. Во многу погледи, Европската Унија, повеќе отколку самата Америка, ги олицетворуваше вредностите на либералниот поредок создаден од САД.

Сега администрацијата на Трамп сака да го разбиe стариот поредок и да го замени со нов, заснован врз моќ и национален интерес. Нејзината нова стратегија за национална безбедност прогласува дека сака да ја „одржи неспоредливата ‘мека моќ’ на Соединетите Држави“, но дека патот до тоа е преку признавање на „вродената големина и пристојност на Америка“. Трамп во својот предговор за стратегијата се фали дека, конечно, „Америка повторно е силна и почитувана“.

Проблемот е што ова очигледно не е точно. Земјите што и натаму се држат до либералните вредности апсолутно не ја почитуваат Трамповата Америка. Тие ја гледаат како бесен, недоследен пијаница со базука: кажуваш сѐ што мислиш дека може да го смири, но секако не го почитуваш. Американската „мека моќ“ и индиректното влијание врз другите демократии рапидно исчезнуваат.

Тоа објаснува зошто Трамповата стратегија за национална безбедност троши толку многу енергија и нерви во напади врз Европа. Дури и додека САД фалбаџиски се откажуваат од амбицијата да го менуваат светот, тие велат дека сакаат да интервенираат во Европа и да ја трансформираат.

МАГА Америка сака да им помогне на европските партии што ѝ одговараат – но овој пат тие се на крајната десница. Наместо да ја промовира европската соработка, како што САД правеа по Втората светска војна, администрацијата на Трамп сега се надева дека ќе го претвори незадоволството во поновите членки на Европската Унија во клин против либерално-демократските вредности на Унијата, претворајќи ја Европа во збир од суверени држави, сите силно националистички и културно „бели“.

Во еден таков свет, Европа повеќе не би била пречка за идеологијата на МАГА. Предизвикот со кој се соочува администрацијата на Трамп е тоа што таа едноставно нема капацитет или глобална амбиција да ја спроведе оваа трансформација.

Како и Русија, администрацијата сака почит, но нема моќ да направи многу повеќе од тоа да дејствува како расипувач. Таа сака посилно да ја обликува Европа во момент кога сака да се повлече од Европа, откажувајќи се од својата улога на гарант на НАТО.

Стратегијата на Трамп го осудува „масивниот воен, дипломатски, разузнавачки и комплекс на надворешна помош“ што ги поддржуваше глобалните амбиции на САД и прави сѐ што може за да го испразни и ослаби. Но без тој апарат, таа нема да биде способна да ја преобликува Европа според својот лик.

Секако, администрацијата на Трамп може да користи неселективни интервенции за да ја казнува Европската Унија, додека се обидува да им помогне на крајнодесничарските партии да дојдат на власт. Таа веќе им одбива визи на луѓе што ги проверувале фактите и работеле како модератори на социјалните мрежи, обвинувајќи ги дека цензурираат десничарските ставови, и ѝ се заканува на Европската Унија поради нејзината „дрскост“ да ги регулира сервисите како платформата Икс. Но како што покажува примерот на Бразил – каде што обидите да се казнат функционери и да му се помогне на Жаир Болсонаро се вратија како бумеранг – тоа е подеднакво веројатно да им наштети на нејзините идеолошки сојузници колку и да им помогне.

Администрацијата на Трамп ги сака придобивките од почитта и глобалната „мека моќ“, поради што и се пресметува со Европа. Но таа исто така сака да се повлече, намалувајќи ги своите глобални капацитети и претворајќи ги САД во регионална сила како Русија, која ги вложува своите сили во заплашување на соседните земји. Не може да го има и едното и другото.

Хенри Фарел е професор по меѓународни односи на Фондацијата „Ставрос Ниархос“ на Универзитетот Џонс Хопкинс. Сергеј Радченко е угледен професор во Центарот „Хенри А. Кисинџер“ при Школата за напредни меѓународни студии на Универзитетот „Џонс Хопкинс“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ