Долгоочекуваната средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска заврши – без договор за прекин на огнот.
Трамп се врати во Вашингтон, а Путин се врати во Русија. Додека остануваат многу непознати работи за следните чекори, изјавите од Киев, Белата куќа и Кремљ даваат индиции за тоа што ќе се случи – а што нема – во деновите што доаѓаат.
Трамп ја опиша синоќешната средба како „многу продуктивна“, а Путин рече дека се надева оти договорот со американскиот претседател ќе „го отвори патот кон мир во Украина“.
Во краткото обраќање до новинарите по средбата, Путин рече дека двајцата постигнале „договори“ што би можеле да претставуваат основа за решавање на „украинското прашање“ и подобрување на односите меѓу Русија и САД. Трамп не се осврна на тоа, но рече дека се согласиле за „многу, многу точки“, со забелешката: „Нема договор додека не се постигне договор“.
На крајот од нивната заедничка изјава за новинарите, Путин рече: „Следниот пат – Москва“, а Трамп не ја исклучи можноста да го посети својот руски колега.

Сепак, советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, рече дека не се знае кога двајцата претседатели би можеле повторно да се сретнат, објави руската државна новинска агенција ТАСС.
Дмитри Медведев, заменик-претседател на Рускиот совет за безбедност и поранешен претседател на Русија, утрово на Телеграм ја даде првата реакција на Москва на средбата меѓу Владимир Путин и Доналд Трамп на Алјаска.
Според него, средбата се одржала мирно и без закани или ултиматуми, а бил обновен „целосниот механизам за состаноци меѓу Русија и САД на највисоко ниво“.
Медведев тврди дека рускиот претседател лично и детално му ги презентирал условите на Русија за завршување на војната во Украина на американскиот претседател. По речиси тричасовен разговор, вели тој, Трамп се согласил засега да не го зголемува притисокот врз Русија.
„Клучно е двете страни директно да ја префрлат одговорноста за идниот исход од преговорите за прекин на огнот на Киев“, рече Медведев.
Доналд Трамп се соочува со зголемени критики во Вашингтон по средбата со рускиот претседател Владимир Путин на Алјаска, за време на која не ја исполни претходната закана за „сериозни последици“ доколку Русија не се согласи на прекин на огнот во Украина.
Трамп се врати во главниот град по речиси тричасовната средба со Путин, првата средба меѓу руски лидер и американски претседател откако Русија ја нападна Украина во 2022 година. Додека Трамп тврдеше дека е постигнат одреден напредок во договорот, борбите на украинскиот фронт продолжија, па дури и некои од неговите сојузници изразија незадоволство од „црвениот тепих“ што му бил послан на Путин – без конкретни резултати.






