недела, 7 декември 2025

Трамп: Хамас има три или четири дена да одговори. Ако не го стори тоа, крајот ќе биде тажен

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денеска изјави дека му дава рок на Хамас „три до четири дена“ да одговори на мировниот план за Газа што го презентираше претходниот ден заедно со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

„Нема многу простор за преговори за предлогот. Ќе работиме околу три или четири дена. Ќе видиме како ќе оди. Сите арапски земји потпишаа. Сите муслимански земји потпишаа. Израел потпиша“, рече Трамп додека ја напушташе Белата куќа пред состанокот со високи воени претставници во воената база Квантико во Вирџинија.

Трамп изјави дека ако Хамас не се согласи со договорот, тоа ќе биде „многу тажен крај“.

„Само го чекаме Хамас, тие или ќе го направат тоа или нема, а ако Хамас не го направи, ќе биде многу тажен крај“, изјави американскиот лидер, пренесува Си-ен-ен.

Мировниот план на Белата куќа за Газа, меѓу другото, предвидува крај на конфликтот меѓу Израел и Хамас и враќање на сите заложници, мртви или живи, во рок од 72 часа од јавното прифаќање на договорот од страна на Израел. Откако заложниците ќе бидат ослободени, Израел, според американскиот план, би ослободил повеќе од 1.000 палестински затвореници, вклучувајќи неколку стотици осудени на доживотен затвор.

Палестинската територија би била управувана од привремена „технократска и аполитична“ влада која ќе раководи со секојдневните работи. Хамас би бил исклучен од таа влада. Привремената влада предвидена со американскиот предлог би била под надзор на „мировен комитет“ со кој ќе претседава самиот Доналд Трамп, а во кој улога би имал и поранешниот британски премиер Тони Блер.

Во планот се наведува дека „членовите на Хамас кои ќе се обврзат на мирен соживот со Израел и ќе го предадат оружјето ќе бидат амнестирани“, а оние кои „сакаат да ја напуштат Газа ќе имаат заштитен премин до земјите одредишта“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ