петок, 4 јули 2025

Трамп го оспорува Членот 5, Руте му оддава признание

Претседателот Доналд Трамп вчера ја доведе во прашање посветеноста на Соединетите Американски Држави на одбраната на своите сојузници во НАТО, сугерирајќи дека постојат „бројни“ дефиниции за клучната одредба за меѓусебна одбрана на која се темели алијансата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Трамп разговараше со новинарите на пат кон самитот на НАТО во Холандија, дводневниот собир чија цел беше да му испрати порака на рускиот претседател Владимир Путин дека НАТО е обединето, и покрај претходните критики на Трамп, и е решено да ги прошири и подобри своите одбранбени капацитети за да одврати евентуален напад од Москва.

Меѓутоа, кога новинарите во авионот го прашаа дали сè уште е посветен на принципот на меѓусебна одбрана меѓу сојузниците, како што е дефинирано во Член 5 од НАТО, Трамп одговори:

„Јас сум посветен на спасување животи. Јас сум посветен на животот и безбедноста. И ќе ви ја дадам точната дефиниција кога ќе стигнам таму.“

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека нема сомнение дека Трамп е посветен на Член 5 од Повелбата на НАТО.

Трамп, исто така, објави видео од пораката на Руте, во која му честита за „решителната акција во Иран“ и за фактот дека успеал да ги натера сите членки на НАТО да се согласат да трошат повеќе за одбраната, пренесе Ројтерс.

„Европа ќе плати, и тоа значително и соодветно, и тоа ќе биде ваша победа“, се вели во пораката на Руте, која, според Ројтерс, укажува на неговиот напор да ја задржи наклонетоста на Трамп и да обезбеди успех на самитот.

Руте подоцна кажа дека нема проблем со тоа Трамп да ја објави неговата порака и не сметал дека нејзиниот тон е несоодветен.

Трамп посебно ја критикуваше Шпанија откако премиерот Педро Санчез изјави дека Мадрид не мора да ја исполни новата цел за трошење.

Самитот и неговата конечна декларација ќе бидат фокусирани на исполнување на барањето на Трамп за издвојување пет отсто од БДП за одбрана, наместо сегашните два отсто. Членките ќе потрошат 3,5 отсто од БДП за „основната одбрана“, како што се оружје и војници, и дополнителни 1,5 инвестиции за инвестиции поврзани со безбедноста, како што се адаптирање на патишта, пристаништа и мостови за воена употреба, заштита на гасоводи и спречување на кибернетички напади.

Се очекува Трамп за време не самитот да се сретне со претседателот на Украина, Володимир Зеленски. Зеленски рече дека сака да разговара за значителни набавки на оружје, вклучително и ракетни системи „патриот“. Тој истакна дека Украина е подготвена самата да ги обезбеди средствата за целиот пакет, наместо да го бара како воена помош. Како второ барање, тој ја наведе дискусијата за дополнителни санкции против Русија, а третото ќе се однесува на други дипломатски начини за зголемување на притисокот врз Путин.

Зеленски вчера ги предупреди европските членки на НАТО дека ризикуваат Русија да ги нападне ако не биде поразена во Украина.

„Русија дури планира нови воени операции на територијата на НАТО – што значи во вашите земји“, кажа Зеленски на настан за одбранбената индустрија на маргините на самитот.

Зеленски кажа дека е од „суштинско значење“ Украина да го предводи патот во технологијата на беспилотни летала, која го обликуваше бојното поле и се развиваше со неверојатна брзина за време на 40-месечната војна.

Генералот, кој беше номиниран од Трамп за врвен американски воен командант во Европа, вчера изјави дека верува оти Украина може да ја добие војната против руската инвазија.

„Мислам дека Украина може да победи“, кажа генерал-потполковникот на американските воздухопловни сили Алексус Гринкјевич за време на неговото сослушување за потврдување во Сенатот.

„Кога вашата сопствена татковина е загрозена, се борите со жестокост која нам ни е тешко и да ја замислиме.“

Русија ја обвинува Алијансата за милитаризација

Вчера Кремљ објави дека НАТО е на пат на неконтролирана милитаризација и дека е решен да ја претстави Русија како „чудовиште од пеколот“ за да оправда големо зголемување на средствата за одбрана за членовите на Алијансата.

Русија негира каков било план за напад врз НАТО, но портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кажа дека тоа бил „претежно залуден обид“ да се убеди западниот воен пакт во ова, бидејќи е решен да ја демонизира Русија.

„Тоа е сојуз создаден за конфронтација… Тоа не е инструмент на мир и стабилност“, кажа Песков, истакнувајќи дека НАТО сака да ги принуди своите членки да се обврзат да издвојат пет отсто од нивниот БДП за одбрана.

„Алијансата самоуверено се движи по патот на неконтролирана милитаризација“, оцени Песков. За да се протурка целта од пет отсто, беше потребно НАТО да се повика на демонската закана, додаде тој.

„За да се постигне тоа, треба да се создаде слика за пеколно чудовиште, монструм. И од гледна точка на тие НАТО функционери, нашата земја е најсоодветна за улогата на тоа чудовиште“.

НАТО тврди дека неговиот поглед на Русија е реалистичен и се базира на докази за војната што Москва ја почна во Украина во февруари 2022 година.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вчера го обвини НАТО дека излегува надвор од својата традиционална област на одговорност во обид да стекне упориште на Блискиот Исток, Јужниот Кавказ, во Централна Азија, Арктикот и Азиско-пацифичкиот регион.

Тој, исто така, рече дека односите меѓу Русија и Кина се „важен фактор на стабилноста“ во безбедносната архитектура на Евроазија.

Шефот на НАТО, Руте, изјави дека американското раководство е посветено на НАТО, но додаде дека таква посветеност се очекува и од европските земји и Канада, преку зголемување на средствата за одбрана.

Поранешниот премиер на Холандија ја истакна важноста на трансатлантската соработка во областа на одбранбената индустрија со цел да се одговори на предизвиците на вооружувањето.

„Денес, воената предност на НАТО е агресивно загрозена од Русија, која брзо се вооружува, со поддршка на кинеската технологија и оружје од Иран и Северна Кореја“, оцени Руте.

„Само Европа и Северна Америка заедно можат да одговорат на предизвикот на повторното вооружување“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ