Американскиот претседател Доналд Трамп денеска на социјалните мрежи го нападна украинскиот претседател Володимир Зеленски за да го принуди да се согласи со мировниот договор предложен од Америка.
Во објава на неговата социјална мрежа Трут сошл Трамп тврдеше дека договорот е „многу блиску“, но го критикуваше Зеленски и го повика да „ја доврши работата“.
„Украинскиот претседател Володимир Зеленски се пофали на насловната страница на Волстрит џурнал: ‘Украина нема законски да ја признае окупацијата на Крим. Таму нема што да се преговара.’ Оваа изјава сериозно им штети на мировните преговори со Русија, бидејќи Крим беше загубен пред многу години, кога Барак Хусеин Обама беше претседател на Соединетите Држави, а денес не е ни предмет на дискусија.
Никој не бара Зеленски да го признае Крим како руска територија, но ако го сака назад – зошто не го бранеа пред единаесет години, кога ѝ беше предаден на Русија без ниту еден испукан куршум?“, напиша Трамп.
„Во таа област со децении пред ‘предавството на Обама’ имаше големи руски бази. Токму ваквите запаливи изјави, како оваа што Зеленски ја даде денес, се причината зошто е толку тешко да се постигне мир. Тој нема со што да се пофали! Ситуацијата за Украина е многу тешка, таа може да избере мир или да ја продолжи војната уште три години пред да ја загуби целата земја.
Јас немам ништо со Русија, но исклучително многу сакам да не се губат пет илјади руски и украински животи секоја недела, бидејќи сите овие луѓе умираат без причина. Денешната изјава на Зеленски само ќе ги продолжи убивањата, а тоа никој не го сака.
Многу сме блиску до договор, но човекот што ‘нема повеќе адути’ сега мора конечно да го сфати ова и да ја доврши работата. Со нетрпение очекувам да им помогнам и на Украина и на Русија да излезат од овој целосен и комплетен ХАОС – кој никогаш немаше да се случи ако јас бев претседател“, напиша Трамп.
Според мировниот план на Доналд Трамп за ставање крај на војната во Украина, кој го објавија американските медиуми, САД официјално ќе го признаат рускиот суверенитет над анектираниот Крим.
Зеленски веднаш го отфрли тој предлог, јасно наведувајќи дека Украина „правно нема да ја признае окупацијата на Крим“. „Нема што да се зборува. Тоа е спротивно на нашиот устав“, додаде тој.
Трамп го зголемува притисокот и врз Москва и врз Киев да се согласат на мировен договор, а неговата администрација сигнализира дека САД може целосно да се откажат од посредувањето доколку наскоро не се постигне договор.
Оваа позиција беше дополнително засилена од сенаторот Џеј-Ди Венс, кој претходно изјави дека американскиот предлог е „експлицитен“. „Време е да се каже ‘да’ или САД да се повлечат од овој процес“, рече Венс.