среда, 4 јуни 2025

Трамп ги засилува трговските закани, на мета се Епл и ЕУ

Претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп ги засили своите трговски закани, насочени кон технолошкиот гигант Епл, како и кон увозот од цела Европска Унија, разнишувајќи ги глобалните пазари по неколку недели деескалација кои донесоа одредено олеснување.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Трамп се закани дека ќе воведе царина од 25 отсто на сите „ајфон“ уреди што се продаваат, но не се произведуваат во САД. Повеќе од 60 милиони телефони се продаваат годишно во САД, но земјата не произведува паметни телефони. Тој, исто така, објави дека ќе препорача царина од 50 отсто за стоките од Европската Унија почнувајќи од 1 јуни, што би значело високи давачки за луксузни стоки, фармацевтски производи и други стоки произведени од европски производители, објави Ројтерс.

Пазарите на оваа вест реагираа со пад. Трамп не прецизираше временска рамка за неговата закана до Епл.

„Го информирав Тим Кук од Епл одамна дека очекувам уредите „ајфон“ што се продаваат во Соединетите Држави да бидат произведени и склопени во Соединетите Држави, а не во Индија или било каде на друго место“, напиша Трамп на својата платформа Трут соушнал.

„Доколку тоа не е случај, Епл мора да плати царина од најмалку 25 отсто на САД.“

Белата куќа преговара со голем број земји за трговски прашања, но напредокот е несигурен.

Агресивните царини на Трамп во април, кои ќе ја зголемија цената што потрошувачите и компаниите мора да ја платат за увезена стока за околу 25 отсто, ги намалија американските средства, вклучувајќи ги акциите, доларот и државните обврзници. Пазарите оттогаш се кренаа.

Не е јасно дали Трамп има овластување да воведува царини на поединечна компанија. Епл не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар.

Исто така, Европската комисија одби да коментира за најавата на Трамп, порачувајќи дека ќе го почека телефонскиот разговор меѓу европскиот комесар за трговија Марош Шефчович и неговиот американски колега Џејмсон Грир, кој е закажан за денес попладне, пренесува Ројтерс.

Откако царините на Трамп врз Кина се зголемија за повеќе од 100 отсто на почетокот на април, Белата куќа попушти во обидот да го раздвижи пазарот, дозволувајќи исклучоци за паметни телефони и друга електроника што се увезува претежно од Кина – олеснување за Епл и другите технолошки фирми зависни од увоз.

Епл планира да ги произведува повеќето од своите „ајфон“ уреди што се продаваат во САД до крајот на 2026 година во Индија и ги забрзува тие планови за да избегне потенцијално повисоки тарифи во Кина, каде што моментално се одвива поголемиот дел од нивното производство, изјави извор за Ројтерс. Епл ја позиционира Индија како алтернативна производствена база поради царините на Трамп врз Кина, кои предизвикаа загриженост во врска со синџирите на снабдување и страв од зголемување на цените на Ајфон, објави Ројтерс минатиот месец.

Производителот на „ајфон“ изјави дека поголемиот дел од паметните телефони продадени во САД во текот на вториот квартал од оваа година ќе доаѓаат од Индија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ