„Агенциите мора да усвојат прогресивен и проиновациски пристап кој ќе ги искористи предностите на оваа технологија и ќе придонесе во обликувањето на идните владини операции“, се наведува во упатствата.
Со упатствата се укинуваат две наредби издадени за време на поранешната администрација на претседателот Џо Бајден. Една од нив бараше од агенциите да спроведуваат мерки за заштита на човековите права и да се обезбеди транспарентност, а другата бараше ограничување на употребата на ВИ.
Според регулативата на Бајден, агенциите мораа да назначат главни функционери за ВИ.
Претседателот Доналд Трамп веќе ја отповика извршната наредба на Бајден од 2023 година, со која се намалуваат ризиците од ВИ барајќи од програмерите да споделуваат податоци.
Упатството испратено вчера бара од агенциите „да развијат стратегија за вештачка интелигенција во рок од шест месеци за да ги идентификуваат и отстранат бариерите за одговорно користење на ВИ и да направат подобрувања во нејзината имплементација“.
Белата куќа објави дека повеќе нема да воведува „непотребни бирократски ограничувања за употребата на иновативната американска вештачка интелигенција во извршната власт“.
Во друга директива се наведува дека Белата куќа сака да продолжи со „ефикасна примена на вештачката интелигенција во владата“ и бара од агенциите да се фокусираат на интероперабилноста.
Агенциите мора „да ја максимизираат употребата на вештачката интелигенција произведена во Америка“, се додава.
Белата куќа соопшти дека новиот пристап го елиминира напорното известување и го оптимизира процесот на примена, додека продолжува да ја штити приватноста.
Многу владини агенции се охрабруваат да користат вештачка интелигенција за решавање на голем број прашања. Федералната управа за авијација, на пример, користи машинско учење и моделирање јазик при скенирањето извештаи за инциденти и пребарува повеќе извори на податоци за да открие ризици во авијацијата.